Доколку сакате да го комбинирате пријатното со корисното, нема подобра активност од градинарството. Освен што ќе го одржувате телото во добра форма, на вашата трпеза ќе имате и здрава храна. Вежбањето е предуслов за здравје, добра форма и долготрајна виталност, но градинарството не само што носи придобивки за телото туку поради директниот контакт со растенијата и земјата има корисен ефект и врз психата.
Градинарството е физички напорна работа, но доволно е да поминете само два и пол часа неделно во градината за да го намалите ризикот од дебелина, висок крвен притисок, дијабетес тип 2, остеопороза, срцеви заболувања, мозочен удар, депресија, рак на дебелото црево и прерана смрт. Луѓето што имаат сопствена градина и се грижат за растенијата веројатно вежбаат 40-50 минути подолго од оние што избираат пешачење или возење велосипед како умерена активност.
Колку калории согоруваат одредени градинарски активности: интензивно градинарство од 400 до 600 калории на час; собирање лисја со гребло од 350 до 450 калории на час; чистење на градината 400 калории на час; косење на тревата од 250 до 350 калории на час; плевење од 200 до 400 калории на час; садење од 200 до 400 калории на час; наводнување 120 калории на час.