По концертот по повод Меѓународниот ден на џезот во паркот „Ибни Пајко“
Рецензија
Дека џезот е музика што не познава никакви граници и предрасуди покажа и докажа и годинешното издание на целодневниот џез-хепенинг под наслов „Тудеј ис ол абаут џез“, кој годинава се одржа по седми пат во организација на Здружението за џез-музичари и слободни уметници (ЗЏМ) – Скопје. Поучено од минатите години и веќе со доволно искуство зад себе, ЗЏМ успеа да организира настан за паметење, концерт што резултираше со прекрасни насмевки на лицата на сите посетители. Од насмеаните лицa на најмалите посетители до лицата на највозрасните сериозни љубители и почитувачи на џез-музиката беше воочливо дека фестивалот успеа да понуди квалитетна програма, која одговори на актуелните трендови и концепти во музиката и, секако, на истенчените вкусови на публиката.
Настанот започна со пороен дожд, но тоа не беше пречка за исклучителниот пијанист и композитор Гордан Спасовски да ги собере и засолни сите присутни деца на сцената и заедно со нив да создаде вистинска магија. За половина час овие дечиња веќе ја пееја композицијата, создадена на самото место, и научија нови работи за џезот и за музиката воопшто. Дека во нашава земја има и повеќе од талентирани млади музичари докажаа членовите на младинскиот џез-состав: Петар Марков Маруш (гитара), Симеон Будро (бас) и Давид Ѓоргиев (тапани), заедно со нивните гости. Овие млади луѓе се вистинско освежување на македонската џез-сцена и треба да сме среќни што во нашата земја има толку млади, а толку талентирани џез-музичари – идни носители на главните збиднувања на џез-сцената и да се надеваме дека нивниот талент ќе биде препознаен и надвор. Нежните звуци на босановата и традиционалната бразилска џез-музика, пренесени преку џез-составот „Акварела“, ја разиграа публиката во паркот „Ибни Пајко“, која не остана рамнодушна на изведбите на Јани Костурски – вокал, Павел Ренџов – тапани и двојката добропознати музичари на македонската сцена: Ѓоко Грујовски – гитара и Маја Капсарова – бас. Никола Бочваров безрезервно ја искажа целата своја музичка зрелост што произлегува од неговата долгогодишна обемна работа и богато музичко искуство.
Овој пат Бочваров, кој на публиката ѝ е познат како еден од најактуелните и највпечатливи басисти кај нас, го презентираше својот најнов материјал од албумот „Гласна тишина“, издание на „ЗЏМ рекордс“, во кој се јавува како комплетен автор на композициите. Тој на сцената настапи со Стефан Алексовски – клавијатура, Иван Петровски – гитара и Благоја Антовски – тапани, истакнати музичари, достојни да го доловат уникатниот звук на композициите на Бочваров. Следуваше настапот на триото на гитаристот и композитор Филип Динев, кое покрај него ги вбројува Тилман Обербек на контрабас и Јан Цајмец на тапани/перкусии. Триото, кое настанува во Хамбург, претставува еден од најавтентичните и најактивни музички џез-состави во регионот чија музика е комбинација на џез, балканска и класична музика, а на фестивалот македонската публика имаше можност да ужива во нивниот современ звук. Проектот „Запа“ на „ЗЏМ биг бенд оркестар “ беше изведен за првпат уште за време на коронавирусот, во едни стегнати услови, во кои како да не беше сосема можно да се ослободи сета енергија што ја вложија во овој проект членовите на бендот и маркантните солисти Калина Велковска и Сашо Гигов-Гиш. ЗЏМ како да ѝ го должеше овој концерт на пошироката публика, па самиот настап беше пречекан со овации, а насмевките на лицата на посетителите останаа до самиот крај. Овој пат концертот го диригираше матичниот диригент на биг бендот, маестралниот диригент, композитор и мултиинструменталист Џијан Емин, кој доста сигурно ги држеше краевите на целата таа космичка изведба, внесувајќи ја безрезервно својата луцидност во изразот. Следуваше настапот на триото на Јуре Пукл – словенечкиот џез-музичар (тенор и сопран саксофон, бас-кларинет, композиција), кој свири модерен џез.
Покрај Пукл, во триото членуваат и Марко Црнчец (еден од најпознатите современи музичари и најреномирани словенечки музичари, со седиште во Њујорк, кој на меѓународната сцена е познат како мултиинструменталист, композитор, аранжер и продуцент што лесно се движи низ жанрови, како и Крис Смит, професор на Универзитет за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија, но редовно настапува и на њујоршката сцена. Беше повеќе од очигледно дека станува збор за исклучително едуцирани музичари, кои сето свое знаење го имаат пренесено преку своите комплексно конципирани композиции и неверојатната виртуозност со која беа изведени. Како заокружување на целиот џез-хепенинг беше настапот на нигерискиот пејач, гитарист, композитор, аранжер и мултиинструменталист Адедеџи, кој овој пат настапи со македонски џез-музичари што совршено го доловија афробитот, кој доминира во неговата музика, зачинет со примеси на соул, џез, блуз, фанк и традиционална јорупска музика. Пораките што ги носат композициите на Адедеџи соодветствуваат со пораките што ги испраќа Меѓународниот ден на џезот и пропагира еднаквост и почитување на правата и идентитетот на другиот, но алудира и на навраќање на корените и традицијата.
Едвај чекаме уште еден фестивал на насмевки од сите генерации!
Автор: Марина Туфекчиевска