Истражувачите од Државниот универзитет во Орегон објавија студија што покажува дека еден оператор може сам да управува сто или повеќе беспилотни летала. Студијата покажа дека едно лице може да следи автономни копнени и летачки дронови без да биде изложено на прекумерен обем на работа.
Податоците на ОСУ претставуваат значаен чекор кон ефикасна и економична употреба на роеви од беспилотни летала за различни цели, од гаснење пожари во дивината до испорака на пратки за одговор при урбани катастрофи.
Нема сомнеж дека системот би се користел и за воени цели
– Сè уште нема многу беспилотни летала за испорака во САД, но има компании што ги користат во други земји. Од деловна гледна точка, има смисла да се распоредат дронови за испорака во голем обем, но едно лице ќе биде одговорно за следење. Не велам дека нашата работа е дефинитивно решение, но тоа е прв чекор кон собирање дополнителни податоци за реализација на таков систем – рече Џули А. Адамс од ОСУ.
Студијата е развиена од Програмата за офанзивни тактики со овозможен рој на американската агенција за напредни истражувачки проекти за одбрана. Затоа, нема сомнеж дека системот би се користел и за воени цели.
Истражувачите распоредија роеви што се состоеја од најмногу 250 автономни беспилотни летала, односно дронови со повеќе пропелери и копнени ровери, за да собираат информации во урбаните области во кои зградите ги попречуваат видната линија и сателитските комуникации. Овие роеви се користеле и на урбани воени полигони за собирање податоци, што би можело да ја подобри безбедноста на американските војници и цивили.
– Проектот бараше употреба на стандардни технологии и развој на автономија што требаше да се користи од едно лице наречено командант на рој. Оваа работа исто така бараше развој не само на потребните системи и софтвер туку и кориснички интерфејс, што би му овозможило на командантот на ројот да ги користи овие копнени и воздушни системи – рече Адамс.
Компанијата „Смарт информејшн флоу технолоџис“ помогна да се развие интерфејс за виртуелна реалност наречен I3, кој му овозможува на командантот да го контролира ројот.
Идејата е дека командантот на ројот може да го избере сценариото што ќе го извршат беспилотните летала, но може да направи мали приспособувања.
Искористени повеќе од сто беспилотни летала
– Објективните податоци од обучени команданти на рој покажаа дека еден човек може да ги распореди овие системи во изградени средини, што има многу широки импликации надвор од овој проект – додаде Адамс.
За време на студијата, командантите даваа информации за обемот на работа и нивото на стрес на секои 10 минути во текот на секоја повеќедневна вежба на терен додека беа распоредени дополнителни дронови.
Повеќе од сто беспилотни летала беа искористени за да се процени обемот на работа на командантот за време на последната теренска вежба. Физиолошките сензори внесуваа информации до алгоритам, кој го проценува обемот на работа врз основа на нивоата на сензорни канали и целокупниот обем на работа.
– Обемот на работа на командантите на ројот често го надминуваше прагот на преоптоварување, но само за неколку минути. Командантот сепак успеал успешно да ги заврши мисиите, често во предизвикувачки услови на температури и ветер – заклучи Адамс.