Годишнина на Друштвото на писателите на Македонија

Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) е формирано на 13 февруари 1947 година, од страна на осум писатели: Васил Иљоски, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле и Ацо Шопов. За прв претседател на ДПМ е избран Блаже Конески.
По тој повод, на 13 февруари, со почеток во 11 часот, во свечената сала на Друштвото на писателите на Македонија, ќе се одржи Отворен поетски ден, на кој ќе се одбележи 77-годишнината од постоењето на ДПМ, со поетско читање и настап на повеќе македонски поети.
– Тринаесетти февруари е најголемиот празник на македонските писатели, зашто Друштвото на писателите на Македонија е најстарата, најмасовна и најреномирана писателска асоцијација кај нас – велат од Друштвото.
Пригодни беседи за поезијата на Блаже Конески, Ацо Шопов и на Славко Јаневски – тројцата основачи и претседатели на Друштвото на писателите на Македонија – ќе одржат Васил Дрвошанов и Александар Прокопиев.
Во овие 77 години голем број македонски писатели биле дел од неговите редови и како членови дале свој придонес во развојот на современата македонска литература, македонскиот јазик и култура. Друштвото на писателите на Македонија има свое периодично гласило, „Стожер“, ја организира традиционалната манифестација „Празник на липите“, доделува традиционални награди за најдобрите писатели во изминатата година во неколку жанра: поезија, проза, критика и детска литература, а ги доделува и наградите „Книжевно жезло“.
Како што пишува Гане Тодоровски во предговорот на изданието „Македонски писатели“, ДПМ е еден од надворешните фактори што ѝ помагаат на литературата во нејзиниот развиток со тоа што вложува систем од грижи и настојби за афирмација на литературната уметност како општествено добро, а во неговите редови се собрани повеќемина „одгледувачи на убавиот збор, унапредувачи на македонскиот книжевен јазик – поети, раскажувачи, романсиери, драмски автори, критичари и есеисти, литературни публицисти, патописци, хроничари, литературни историчари, писатели за деца, крепители на одбраната реч, уметници на зборот, членови на Друштвото на писателите на Македонија, негови ревнители, двигатели и спомагатели…“.
Тие за првпат во својата историја на 13 февруари 1947 година (тогаш се едвај десетмина) го одржуваат првото годишно собрание и го донесуваат првиот статут на писателите кај нас, но и на оваа професија во македонската средина, воопшто. Неоспорна е потребата од постоење на една организација како што е ДПМ, која треба да се грижи за заштитата и статусот на писателот и да ги издигне неговото место и улога во нашето општество. В.Д.