Џони Деп ќе го игра францускиот крал Луј Петнаесетти во филмот на француската режисерка Мајвен Ле Беско. Снимањето започнува ова лето, потврди магазинот „Вераети“.
Филмот, чиј наслов и детали за заплетот се чуваат во тајност, е продуциран од „Вај нот продакшнс“. Тимот ќе работи напорно три месеци, на локациите на познати знаменитости, како што е замокот Версај. Интересно е што режисерката ќе ја игра мадам Ди Бери, грофицата што била последна љубовница на Луј Петнаесетти.
Луј Петнаесетти, кој го добил прекарот Миленик, владеел 59 години, најдолго во француската историја по Луј Четиринаесетти. Парадоксално, Луј Петнаесетти умрел како непопуларен крал откако бил обвинет за корупција и разврат.
Американскиот актер, кој беше обвинет за семејно насилство од неговата поранешна сопруга Амбер Херд, нема снимено филм од реализацијата на „Минамата“ на Ендрју Левитас од 2020 година, за воениот фотограф В. Јуџин Смит. Иако падна во немилост по обвинувањата и неговата тужба за клевета против британскиот таблоид „Сан“, Деп не се соочи со големи негативни реакции во Европа. Неодамна доби почесни награди на фестивалите во Карлови Вари и во Сан Себастијан. Деп доби убав прием и на Фестивалот за американски филм во Довил во Нормандија, Франција, во 2020 година, а наградата ја доби од Кетрин Денев.
Доколку новиот филм не е снимен на англиски, што е малку веројатно, улогата на Луј Петнаесетти ќе бара Деп да го обнови францускиот јазик. Тој долги години живееше во оваа земја со својата партнерка Ванеса Паради, со која ги има ќерката Лили-Роуз Деп и синот Џек Деп, но сепак има забележлив американски акцент.