Премиерата на втората сезона на научнофантастичната серија на врвниот режисер Ридли Скот, „Одгледани од волци“, е закажана за 3 февруари на „Ејч-би-о гоу“, кога ќе бидат достапни првите две епизоди.
„Одгледани од волци“ следи два андроида – Татко и Мајка – кои имаат задача да одгледаат човечки деца на една таинствена и недопрена планета. Во меѓувреме, андроидите учат како да ги контролираат човечките верувања, додека верските разлики се закануваат да ја уништат човечката колонија.
Во втората сезона Мајката (Аманда Колин) и Таткото (Абубакар Салим), заедно со потомството што го сочинуваат шест деца, ѝ се придружуваат на нова атеистичка колонија во таинствената тропска зона позната како Кеплер 22 б. Снаоѓањето во оваа необична заедница е само почеток на нивните неволји затоа што „природното дете“ на Мајката се заканува дека ќе го доведе до изумирање и она малку што останало од човечката раса.
Покрај Аманда Колин и Абубакар Салим, во серијата настапуваат и Тревис Фимел, Нијам Алгар, Ким Енгелбрехт, Винта Маграт, Џордан Лоран, Матијас Варела, Феликс Џејмисон, Итан Хазард, Асија Ша, Ајви Вонг, Питер Кристоферсен, Селина Џонс, Морган Санто, Џејмс Харкнес и Џенифер Саенг.
Продукцијата на серијата е на „Скотс Скот Фри продакшн“, а извршни продуценти се Ридли Скот, Арон Гузиковски (кој во исто време е и автор на серијата), Дејвид В. Закер, Џордан Шијан, Адам Колбренер и Марк Хафам.