Годината зад нас беше многу плодна кога станува збор за документарните филмови. Љубителите на овој жанр имаа можност да видат многу интересни наслови што обработуваат актуелни теми, но и такви што ни дадоа увид во настани од минатото што досега не ни биле познати. Секој од следните десет документарни филма од 2021 година го заслужува вашето внимание, а во следните редови можете да откриете што ги прави посебни.

„Атика“
Во фокусот на овој документарен филм е бунтот во американскиот затвор „Атика“, кој траеше од 9 до 13 септември 1971 година. За време на овие немири беа убиени 43 лица, меѓу кои затвореници и затворски персонал. Документарниот филм „Атика“ го режираа Стенли Нелсон и Трејси Кари.
„Бегање“
„Бегање“ е документарен филм за Амин Наваби, човек од Авганистан што ја напуштил оваа земја со своето семејство како тинејџер во 1990-тите години. Во моментот кога треба да се ожени со својата избраничка, Амин се сеќава на своето бегалско искуство и проблемите со кои се соочил во потрагата по нов дом.

„Поворка“
Роберт Грин, авторот на овој документарец, собрал шест возрасни лица што како деца биле малтретирани од католички свештеници. Со помош на неортодоксни методи се обидува да им помогне да ја надминат траумата, а со својата камера го снима нивниот пат до психичко исцелување.

„Лето на душата“
Ова е документарен филм за музичкиот фестивал што во 1969 година се одржа во Харлем. Во текот на шесте недели од овој фестивал настапија некои од најпознатите афроамерикански изведувачи од тоа време, како Стиви Вондер, Нина Сајмон, Гледис Најт и Пипс, Блинки Вилијамс и „Слај енд д фемили Стоун“.

„Ловци на тартуфи“
Документарецот „Ловци на тартуфи“ следи група повозрасни мажи од Пиемонт и Италија, кои заедно со своите кучиња трагачи се обидуваат да најдат бели тартуфи во локалните шуми, една од најскапите намирници во светот.

„Вал“
Познатиот актер Вал Килмер четири децении постојано снима моменти од својот живот. Неговата богата видеоархива ја формира основата на документарниот филм „Вал“ за неговиот живот и успешна кариера во Холивуд.

„Велвет андерграунд“
Тод Хејнс сними документарен филм за „Велвет андерграунд“, еден од највлијателните бендови во историјата на рок-музиката. Документарецот ги открива социјалните околности во кои е формирана групата, што ја инспирирало нивната работа и како нивната соработка со Енди Ворхол влијаела на нивните кариери.

„Кабина за гледање“
Овој документарец покажува како реагираат луѓето кога ќе се соочат со факти што се во спротивност со нивните длабоковкоренети верувања. Во текот на еден час и десет минути од неговото времетраење, гледачите имаат можност да ги следат реакциите на една американска студентка со еврејско потекло, инаку голема поддржувачка на Израел, на снимките од секојдневниот живот на Палестинците под окупација на Западниот Брег.

„Цела светлина, насекаде“
Станува збор за интересен документарен филм, кој се фокусира на употребата на камери за надзор во современиот свет, вклучувајќи ги и оние што ги носат американските полицајци на својата облека кога се на должност.

„Филм за полицајци“
Во документарецот „Филм за полицајци“ го следиме обидот на двајца професионални актери да станат полицајци во Мексико и врз основа на нивното искуство ги откриваме болките на политичкиот и правниот систем на оваа земја, но и менталитетот на граѓаните на една од најкорумпираните земји во светот.