Завршната конференција „Зелена образовна трансформација“
Во хотелот „Оаза“ во Штип се одржа завршната конференција од проектот „Зелена генерација: училишта за климатска акција“ насловена – „Зелена образовна трансформација“. На конференцијата говореа градоначалниците на Штип и Берово и претставници на Општина Чаир за тоа што треба да опфати зелената образовна трансформација. Тие ја истакнаа важноста од овој проект и ги поздравија придобивките.
– По успешното завршување на активностите во овие три општини, цело лето ќе се подготвуваме за следните активности што ќе се реализираат во Битола.
Конференцијата заврши со заклучокот дека поставувањето соларни панели ќе ги зголеми финансиската одржливост и моќ на училиштата, а заштедите од струјата ќе им овозможат на учениците, училишните заедници и на советите на родители да ги искажат своите потреби што соодветно ќе може да бидат адресирани преку финансиските заштеди направени преку заштедена електрична енергија. На овој начин креираме еколошки самоодржливи училишта што преку користење обновливи извори на енергија ги следат зелената агенда и трансформација, притоа влијаејќи позитивно на зелената образовна трансформација – се вели во соопштението.
Во овој клучен период на енергетска транзиција на земјите од Западен Балкан, овој проект ја дополнува иницијативата на фондацијата „Отворено општество – Западен Балкан“, проект „Сончеви училишта“, преку обезбедување активно учество на сите засегнати страни во правичната транзиција и енергетската демократизација, истовремено градејќи ги капацитетите на училишните заедници. Во проектот се вклучија вкупно 21 училиште од следните општини: Берово, Штип и Чаир во Македонија, Ваљево во Србија, Ѓаковица во Косово и Живинице, Лопаре и Грачаница во Босна и Херцеговина.
Проектот „Зелена генерација: Училишта за климатска акција“ има цел да ги поттикне училишните заедници да преземат активна улога во климатските активности, да ја подобрат енергетската ефикасност и да промовираат одржливи практики.