Настанот е дел од националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“
Во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, денеска ќе одекне македонскиот збор, поезијата на Ацо Шопов. Ќе почне програмата за чествување на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов, што е дел од календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од УНЕСКО.
По тој повод ќе се обратат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и претседателот Стево Пендаровски.
Во рамките на посетата е предвидена средба со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.
Славејќи ги творештвото и поезијата на Ацо Шопов, на настанот ќе се одржи меѓународен симпозиум „Поезија, творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“. Во рамките на програмата ќе се одржи и проекција на анимираниот филм „Грозомор“ работен според истоимената песна на Ацо Шопов, инспирирана од скопскиот земјотрес во 1963 година, како и поетскиот перформанс „Долго доаѓање на огнот“, а ќе биде отворена и изложба посветена на творечкиот пат на Ацо Шопов, „Патот по кој чекорам“.
Во рамките на програмата, со која се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март, ќе биде соопштен лауреатот на „Златниот венец“ на годинашното 62. издание на „Струшките вечери на поезијата“, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО.
Настанот е дел од националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.
Целта на овој настан е да се посвети внимание на творештвото на Шопов, поет, хуманист и космополит, бранител на културната разноликост и човечката единственост.
Ацо Шопов, роден во Штип во 1923 г., е еден од основоположниците на современата македонска поезија, кој се вбројува во редот на најеминентните поети на Југоисточна Европа во 20 век. Шопов бил активен учесник во НОБ од 1941 година. По ослободувањето, работел и живеел во Скопје, каде што бил уредник на неколку литературни списанија. Објавил повеќе збирки поезија, но и активно преведувал, претежно од југословенски автори, но и дела од Шекспир, Корнеј, Крилов и др. Како прв претседател на Советот на „Струшките вечери на поезијата“, Ацо Шопов претседавал во неколку наврати со Друштвото на писателите на Македонија. Бил исто така претседател на Координациониот одбор на Сојузот на писателите на Југославија, како и претседател на Сојузот на преведувачите на Југославија.
Почнувајќи од неговата прва збирка, „Песни“, која е едновремено и првата книга објавена на македонски јазик во слободна Македонија, во 1944 год., па сè до последната, „Дрво на ридот“, објавена во 1980 год., Ацо Шопов ги изгради темелите на една решително современа поезија што се потпира на родната Македонија со единствена цел да ја внесе во катастарот на светот. Неговата поезија успева да ги соедини во едно исто интимно искуство личните доживувања на поетот и судбината на човештвото.
Долго доаѓање на огнот
Тука е тој оган под овие улави води,
под овој бигор и зло самото што се плоди.
Под овие води тешки и зрели
тримеѓница црна црно што ги дели.
Под овој венец од сончеви глави,
под оваа далга со карпи што се дави.
Под овој екот, заклињања и злоби,
и ова дрво на брегот од дамнина што коби.
Тука е тој оган под оваа кожа,
под овие тримеѓници, овие три ножа.
Секогаш и сегде семожен и морен,
ѕвезда е во срце и мрак е во корен.