Неколку котлиња се откриени во античките стратегиски кастели, како што е тврдината Кула, Бабино, во Демир Хисар, каде што се откриени пет дела од котлиња. Врз основа на археолошките наоди може да се заклучи дека станува збор за период од времето на македонските кралеви Александар Трети и Касандар. Исто така има котле што е поврзано со војниците на македонскиот крал Деметриј Први Полиоркет. Проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс идентификуваше македонски антигонидски воен центар на локалитетот Рамниште и висок антигонидски кастел спекула на врвот Горни Краставец, со задачи за контрола на Демиркапискиот Теснец и, веројатно, за сигнално јавување на градовите во Амфакситида
Знаменитостите на Македонија
Во текот на долгогодишните археолошки истражувања на македонските простори се откриени мал број цели антички бронзени котли, како и повеќе делови од котли. Конкретно станува збор за котли што биле користени за приготвување храна, со загревање на оган. Биле поставувани на триподи врз оган, наредени околу огнот. Се верува дека споменатите котли најчесто биле користени од античките војници во текот на воените походи.
Македонскиот археолог и професор д-р Виктор Лилчиќ Адамс истакнува дека со оглед на тоа што најголемиот број примери на котли се откриени во воени утврдувања, бронзените котли, најверојатно, биле користени од луѓето во утврдувањата, кои биле оформени со задачи да контролираат значајни теснеци, премини и патни линии, по кои најчесто од север се пробивале непријателски расположени агресори, кои доаѓале да ги ограбуваат античките македонски градови. Според Лилчиќ, доколку се земат предвид откриените монети во овие фортификации, станува збор за воени утврдувања од времето на македонските владетелски династии на Аргеадите и Антигонидите. Постои веројатност споменатите котлиња да биле користени од обичното цивилно население, но најголемиот број од котлињата се откриени претежно во рамките на военостратегиски кастели и бази, што се датирани со монети на македонските кралеви датирани во периодот од 4 век до 2 век пред нашата ера. Истражувањата потврдуваат дека најголемиот број се откриени во военостратегиски утврдувања, а тоа се потврдува и од гробовите од Требенишко Кале и некрополата Косовец, кај Дреново, каде што котлите биле придружени со воена опрема, главно железни копја.
Неколку котлиња се откриени во античките стратегиски кастели, како што е тврдината Кула, Бабино, во Демир Хисар, каде што се откриени пет дела од котлиња. Врз основа на археолошките наоди може да се заклучи дека станува збор за период од времето на македонските кралеви Александар Трети и Касандар. Исто така има котле што е поврзано со војниците на македонскиот крал Деметриј Први Полиоркет. Проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс идентификуваше македонски антигонидски воен центар на локалитетот Рамниште и висок антигонидски кастел спекула на врвот Горни Краставец, со задачи за контрола на Демиркапискиот Теснец и, веројатно, за сигнално јавување на градовите во Амфакситида.
Котлиња се откриени и во неколку антички македонски градови и гратчиња, како што е Градиште каде што е откриена и монета на македонскиот крал Филип Петти или Чанак кале каде што е откриен дел од котле. Чанак кале е типично војничко утврдување од привремен карактер. Неговата функција била да се набљудува планинскиот премин Света, низ кој минувал прастариот пат од Полог кон Скопско. Овој пат се движел од правец на Гостивар, по должината на десниот брег на реката Аксиј (Вардар), покрај гратчето на локалитетот Градиште, Стенче (од каде што потекнува и друго котлето) кон преминот Света.
Во Мокрени и Ораов Дол се откриени остатоци што се поврзани со македонската војска од времето на кралот Персеј. На просторот Рамниште, северно од селото Ораов Дол, се случила голема битка во која загинале голем број и македонски и римски војници, што биле погребани во големата некропола по должината на двата брега на Габровничка Река. Нејасно е дали во случајов се работи за судир помеѓу македонска и римска војска, или помеѓу двете здружени војски против Дарданците.
Интересни се и наодите од Требениште, каде што покрај котлиња, пронајдено е и оружје, поради што се верува дека станува збор за војничко погребување. Требенишко кале се наоѓа точно над вкрстувањето – спојот на патот Лихнид (Охрид) – Кичево – Полог со споредниот пат низ Требенишката Клисура, пореку Лиоиште до Косел. Истражувањата од Требенишко кале покажуваат дека станува збор за погреб со инхумација, заедно со бронзен котел положен веднаш до нозете. Во овој гроб биле откриени железно копје, махаира, врв од копје, три бодежи, стригилис, два кантароса, една стомна и бронзена фибула. Во еден друг гроб од Требенишко кале исто така се пронајдени бронзено котле, бронзена шолја, врв од железен бодеж и керамички бокал со две рачки.
Археолошките истражувања спроведени од проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, како и од други истражувачи и археолози, на локалитетот Градиште (антички град Брианиј) доведоа до откритие на три котлиња. Градот Брианиј се споменува од Страбон и како место каде што логорувала војската предводена од македонскиот крал Филип Петти во рамките на воените маневри против римскиот конзул Публиј Сулпикиј Галба. Но истражувања на локалитетот потврдија и поголем број монети на македонскиот крал Антигон Гонатас, претходник на Филип Петти. Се верува дека котлињата откриени на овој локалитет се од времето на Антигон Гонатас поради присуството на монети од времето на овој македонски владетел. Д.Ст.