Црквата „Св. Димитриј“ / Фото: Петар Милошевиќ

Битола има богато културно наследство, кое се состои од физички артефакти и нематеријални атрибути на македонското општество, нешта што се наследени од минатите македонски генерации. Културното наследство на Битола вклучува и материјална култура, како што се згради, споменици итн. Најпознати репрезентативни примероци на битолското културно наследство се Саат-кулата и Безистенот, меѓутоа градот Битола изобилува со многубројни други градби што се заведени како културно наследство на Македонија во списокот на заштитени добра на Министерството за култура

Знаменитостите на Македонија

Црквата „Св. Димитриј“

„Свети великомаченик Димитриј Солунски“ е православна црква во Битола. Административно припаѓа на Битолското архијерејско намесништво на Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ-ОА. Оваа црква е изградена во 1830 година, а камбанаријата е изградена во 1936 година. Градена е во форма на трибродна базилика, со странични галерии. Целиот иконостас е изработен во позлатена резба од вештите раце на засега непозната резбарска тајфа, но сигурно составена од македонски мајстори. Во 2005 година, конзерваторите од Битолскиот завод и музеј и Заводот за заштита на спомениците на културата откриле дотогаш непозната фреска со претстава на Исус Седржител. Фреската е на централниот дел од сводот на црквата, кој повеќе од еден век бил покриен со црнила од горењето свеќи, така што долго време вредните историски уникати биле непознати.

Објект на Собранието на општина Битола на улица „Кирил и Методиј“ бр. 6 Фото – Maksimilijanbt123

Објектот на Собранието на Општина Битола на улицата Кирил и Методиј бр. 6

Објектот на Собранието на Општина Битола е архитектонско обележје во градот Битола, заведен како културно наследство на Македонија под називот Објект на Собранието на Општина Битола на улица Кирил и Методиј бр. 6 под реден број 10 во Битола. Се наоѓа на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 6. До него се наоѓа објектот на Собранието на Општина Битола на улицата Славко Лумбарко бр. 8. Изградена во 1903 година како сопственост на „Свети Димитрија“, катедралната црква на грчката Пелагониска епархија. Објектот се користел како административна зграда и му бил даден на Францускиот конзулат во градот.
Архитектонскиот концепт на објектот е комбинација на станбена и јавна зграда. Нејзините архитектонски особености се чист француски неокласицизам – еден од најдобрите примери во Македонија. Јужната фасада е украсена со чисти класични форми со столбови дорски ред и балкон на катот во облик на колонада, кој образува отворена галерија. Фасадата е богато украсена со профилирања околу прозорците како и употреба на керамопластични украси во вид на розети над отворената галерија.

Куќа на Данабаш Фото – П.Неделковски

Куќата на Данабаш

Куќата на Данабаш, поранешен објект на Народниот музеј, е куќа на ул. Широк сокак бр. 91, архитектонско обележје во градот Битола, заведена како културно наследство на Македонија во списокот на заштитени добра на Министерството за култура под реден број 11 во Битола.
Куќата ја изградило богатото семејство Данабаш (Данабаши, Данабаси) како нивно живеалиште. Изградбата на куќата завршила во 1911 година. Во првата половина од минатиот век семејството се состоело од двајца браќа, Петар и Јанко, трговци, од кои едниот, Петар, основал семејство и имал три ќерки, вториот, Јанко, останал неженет и настрадал при грабеж додека спиел.
Куќата на Данабаш е една од најубавите во битолското градежништво од пред Првата светска војна. Се состои од приземје и кат со два влеза, јужен и источен. Јужниот е главен и раскошен, остава посебен впечаток и ги прифаќа посетителите што доаѓаат од Широк сокак. Поради визбените простории, кои се целосно над земјата, влезот до приземјето води преку мермерни скали, со странична ограда изведена со украсни столпчиња и со поширок одмор над кој поздравуваат плафонски сликарски изведби. Внатрешното предворје води во четири простории и кон скалите за првиот кат. Источниот влез е засебен и е само за првиот кат. Собите насекаде дишат со изобилен воздух и поради пространоста и поради високите тавани се добива впечаток дека тука не се штеделе пари, но и стручно умеење во изведбата.

Куќа на ул. „Пеце Матичевски“ бр. 38 Фото – Бенита Стојмирова

Куќата на ул. Пеце Матичевски бр. 38

Куќата на ул. Пеце Матичевски бр. 38 е архитектонско обележје во градот Битола, заведена како културно наследство на Македонија во списокот на заштитени добра на Министерството за култура под реден број 17 во Битола.