Кинескиот технолошки гигант „Алибаба“ го најави доаѓањето на својата технологија со вештачка интелигенција во стилот на ЧетГПТ, наречена Тонги Чианвен.
„Алибаба“ има намера да го интегрира четботот во целиот свој бизнис во блиска иднина, но сè уште нема детали за роковите. Во последниве месеци технолошките компании низ светот ги претставија своите таканаречени четботови со вештачка интелигенција, а претходно оваа година „Алибаба“ откри дека работи на ривал на ЧетГПТ.
Името Тонги Чианвен во превод значи „барање одговори со поставување илјадници прашања“, но „Алибаба“ не објави англиска верзија на името. Сепак, технологијата работи на англиски и кинески и ќе биде додадена во Дингток, апликацијата за деловна комуникација на „Алибаба“.
Тонги Чианвен ќе извршува различни задачи, вклучувајќи конвертирање на разговорите за состаноци во пишани белешки, пишување е-пошта, креирање деловни предлози и слично. „Алибаба“ ќе ја интегрира технологијата и во Тмол Џини, гласовен асистент сличен на паметниот звучник Алекса на „Амазон“.
Интересот за овој тип технологија за вештачка интелигенција се зголеми откако „Опен АИ“ го воведе ЧетГПТ во ноември минатата година. Оваа технологија може да учи од постојните податоци и да креира содржина, но и да одговара на прашања користејќи „човечки јазик“. Исто така може да имитира стилови на пишување и да го користи интернетот како што беше во 2021 година, како своја база на податоци.
„Мајкрософт“ инвестираше милијарди долари во развојот на оваа технологија, која во февруари стана дел од пребарувачот Бинг. Ќе биде интегрирана и во апликациите на Офис, како Ворд, Ексел, Пауерпоинт и Аутлук.
„Гугл“ и кинеската група „Баиду“ исто така најавија свои модели со вештачка интелигенција и воведоа слични четботови.
Сепак, познатите личности од светот на технологијата повикаа на запирање на развојот на моќни системи за вештачка интелигенција бидејќи веруваат дека тие можат да претставуваат опасност за луѓето. Отвореното писмо го потпишаа шефот на „Твитер“, Илон Маск, и коосновачот на „Епл“, Стив Вознијак, кои тврдат дека трката за развој на системи за вештачка интелигенција е надвор од контрола.
Инвестициската банка „Голдман Сакс“ проценува дека технологијата за вештачка интелигенција може да замени 300 милиони луѓе на нивните работни места. Италија минатиот месец стана првата западна земја што го блокира ЧетГПТ поради загриженост за приватноста.