Почнува дефилето на маските на „Вевчански карневал 2022“
Традиционалниот Вевчански карневал почнува денеска во 13 часот со дефиле на карневалските маски низ вевчанските улици, настан што секогаш буди голем интерес кај посетителите поради сатиричните пораките што ги пренесуваат, со кои се исмеваат аномалиите во општеството и актулените политички случувања.
Според вековната традиција вевчанци своите костими ги подготвуваат во текот на целата година, а се верува дека преку овој настан се бркаат злите духови и лошите работи.
Манифестацијата почна синоќа со отворање на мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ и настап на културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани. За забавниот дел беа задолжени ди-џеј Фејс и Жаре Бербер, информираат од локалната самоуправа.
Градоначалникот на Вевчани Спасе Кочовски, денеска ќе ги прими амбасадорите акредитирани во нашата земја, кои вообичаено го посетуваат карневалот, а вообичаено ќе има и голем број претставници на јавниот живот.
Иако се уште е актуелна пандемијата накоронавирусот, поради што лани фестивалот не беше организиран од локалната самоуправа, туку од самите жители на Вевчани и на крајот беше прекинат од страна на полицијата, годинава локалната самоуправа застана зад организацијата, со запазување на здравствените протоколи.
Вечерва, според програмата ќе настапат познати македонски пејачи, меѓу кои Елена Јовчевска, Сања Ристеска, Дамјан Стојаноски и Перо Бели, а Старата Нова година ќе се дочека со спектакуларен огномет. Сместувачките капацитети, иако во мал број веќе се полни со гости, а се очекува голем број посетители и од околните места.
Вевчански карневал 2022 завршува утре на пладне со традиционално василичарско оро и палење на маските како дел од верувањето.
Вевчанскиот карневал е стар повеќе од 1.400 години и претставува спој на паганското и современото. Негови главни карактеристики се: архаичноста, таинственоста и современото. Во карневалот се испреплетени традиционалните обредни игри и современите маски, а се изведуваат во чест на верскиот празник Свети Василиј Велики – заштитник на вевчанските василичари, на вевчанци и на Вевчани. М.Т.