Покрај тоа што поседуваат интелегенција, со експеримент е докажано дека птиците комуницираат на свој сопствен јазик. Така, на пример, кога се приближува предатор птиците даваат знак за аларм со специјално гласно гракање, убаво пеат за да го привлечат својот партнер, а кога ја бранат својата територија врескаат

Отсекогаш постоеле легенди за човечки суштества што можат да комуницираат со птиците и да го разберат нивниот јазик. На пример, свети Френсис од Асиси им проповедал на птиците. Има приказна за античкиот грчки мудрец Аполониј од Тијана, кој раскажувал дека знае да го толкува говорот на врапчињата. Тој тврдел дека кога некое врапче ќе најде истурено жито на некое место, тоа им го кажува на другите врапчињата и потоа сите заедно оделе на местото. Интересна е и оваа случка: некоја постара жена паднала од карпа на плажа и била спасена благодарение на галеб што ја „известил“ нејзината сестра. Тој го сторил тоа удирајќи силно со клунот и со крилјата на прозорецот на нивната куќа. Потоа летајќи ниско пред неа ја довел до работ на карпата. Тоа бил галеб што овие сестри редовно го хранеле, така што тој добро ги познавал и двете.
Во античките култури, египетската, грчката, етрурската и римската, специјално обучени свештеници го проучувале летот на птиците, а од телата на жртвуваните птици ги предвидувале иднината и времето.

Користат специфични звуци за да изразат емоции

Покрај тоа што поседуваат интелегенција, со експеримент е докажано дека птиците комуницираат на свој сопствен јазик. Се утврдило дека тие комуницираат едни со други кога врескаат, црцорат или кога пеат. Така, на пример, кога се приближува предатор птиците даваат знак за аларм со специјално гласно гракање, убаво пеат за да го привлечат својот партнер, дури и танцуваат околу него, додека кога ја бранат својата територија тие врескаат. Иако е многу сложен, јазикот на птиците полека станува сѐ појасен, велат истражувачите. Конрад Лоренц, славен австриски натуралист, проучувал многу примери на „човечко“ социјално однесување на птиците во неговото класично дело „Прстенот на кралот Соломон“. Еден од примерите во книгата говори за главниот мажјак од јато чавки, кој „се заљубил“ во женка што претходно била ниско во хиерархијата на јатото, дури била напаѓана и злоупотребувана. Кога станала избраничка на главниот мажјак, сопатничка на лидерот, односот на другите птици кон неа се сменил. Тие почнале да ја третираат како „сопруга на претседателот“.

Ако птиците имаат такви сложени меѓусебни врски, не е невозможно да се верува дека можат на некој начин да „зборуваат“. Во студијата на Теодор Ксенофон Барбер со наслов „Човечката природа на птиците“, тој открива: „Кога беа внимателно поставени микрофоните на места каде што враните се одмораат или јадат, утврдивме дека тие комуницираат тивко, како да шепотат.“

Во друг експеримент е утврдено дека птиците користат специфични звуци за да изразат емоции. Кога се вознемирени, лебедите прават звук како сирена или труба, а кога се додворуваат звуците се нежни. Натуралистот Александар Скуч (1904-2004), најпознатиот светски експерт за птици, во една од своите многубројни книги, „Умот на птиците“, им припишува емоции како кај човекот. Еден пример што тој го дава е нивното пеење во хор во раните зори. Скуч смета дека птиците се во состојба на засилена емоција кога гледаат во изгрејсонцето и изразуваат чувство на радост. Клукајдрвецот, пак, избира шуплива гранка или стебло, во кое со клунот удира дваесет пати во секунда. Пораката зависи од фреквенцијата и брзината на удирањата. Човечкото уво не е во можност да ги дешифрира овие отчукувања, но од тоа може да се откријат многу интересни работи со анализа на снимените записи.

Музичкиот јазик на птиците

Една од најпознатите, но најмалку разбрани форми на јазикот на птиците е нивната песна. Иако се спроведени многу истражувања на оваа тема, целта на пеењето на птиците сè уште е прашање на шпекулации. Сепак, утврден е начинот на кој пеат. Некои птици се способни да произведат 80 различни тона во секунда. Овој факт е потврден со снимање на звукот на спектрограф.

Ако песната на птиците се гледа само од гледна точка на однесување, речиси е невозможно целосно да се разберат причините зошто птиците пеат. Во споредба со човечката музика, најслична на пеењето на птиците е индиската рага, која има посуптилна и посложена структура од западната музика. Во делото „Тајната земја“, авторите Кристофер Бирд и Питер Томпкинс забележуваат сличности помеѓу песната на птиците и индиската рага и тврдат дека и двете музички форми – особено утринскиот хор на птиците – имаат неверојатно корисен ефект врз растот на растенијата. Врз основа на ова може да се заклучи дека песната на птиците има несомнена функција во природата заснована на звучна моќност, вибрации и резонанција.