Mеѓународна практика за финансирање на националните паркови е од буџетот на државата. Во Македонија и уште само во неколку држави, парковите се оставени сами да си ги обезбедат неопходните средства за оперативно работење

Шумите од нашите национални паркови во најголема мера обезбедуваат приходи за вработените во парковите, и покрај тоа што тоа е несоодветен модел за финансирање.
Деценискиот проблем со финансирањето на националните паркови си стои заклучен во фиока и воопшто не се бара решение за наоѓање поинаков метод, за да се решат деградирањето на шумите и примарната улога на националните паркови, односно заштита на природата. И покрај тоа што имаме четири национални паркови, со значајна биолошка вредност, никој не е засегнат да се најде солуција за поинаков начин на обезбедување приходи.
Според тим активисти и експерти од Македонското еколошко друштво (МЕД), потребно е националните паркови да се фокусираат на својата примарна улога, а тоа е заштита на природата и управување и подобрување на ресурсите што се деградирани.
– Паркот може да има различни извори на финансирање, како влезници во паркот, надоместок од собирачи на шумски плодови и растенија, надоместок од туроператори и други субјекти што вршат дејност во паркот, надоместок за користење лого и сл. Средства за истражување, подобрување на инфраструктурата и опрема може да се обезбедат преку различни странски донатори, спонзорства од приватен сектор и слично. Сечата и продажбата на дрва како најголем извор за финансирање на парковите треба полека да се напушта како практика – велат од МЕД.
Според нив, за да се промени овој модел на финансирање, една можност е формирање фонд за заштита на животната средина, преку кој би се обезбедувале средства (меѓу другото) и за заштитените подрачја и за подобрување на животната средина.
– Ветувања за формирање на овој фонд имаше во изминатите години од властите.

Граѓанскиот сектор апелираше дека најразличните такси треба да завршуваат на посебна сметка и да се реинвестираат, а не да завршуваат во централниот буџет, како што е моменталната состојба. Националниот парк Галичица веќе го напушта сечењето шума, тие главно се финансираат од проектни донации, наплата на влезници и од надоместоци од туристички оператори, инфраструктурни објекти и сл. (базни станици, тури, параглајдинг-активности). А најдобар начин е државата да одвои буџет за заштитените подрачја и да се вклучи во заштитата не само декларативно туку и реално. Во НП Галичица веќе неколку години нема финансирање од продажба на дрва. Но според вработените во паркот, самата трансформација почнала уште пред 15 години – посочуваат од МЕД.
Во земјите во Европа и регионот, кога станува збор за финансирање и одржување на институцијата национален парк, најчесто постои фонд за заштита на природата или заштита на животната средина и преку нив се одвојуваат посебни средства за управување со заштитените подрачја, кои покриваат дел од оперативните трошоци или дел од предвидените конзервациски активности.
– На пример, Германија целосно ги финансира заштитените подрачја. Во Хрватска дел од приходот на сите заштитени подрачја оди на одредена сметка за сите заштитени подрачја, па потоа се распределува повторно кај оние заштитени подрачја што оствариле помал приход и имаат потреба од средства за управување. Во Косово, вработените во заштитените подрачја се државни службеници под Министерството за животна средина и нивните плати не зависат од продажба на дрва. Секако, идеално би било приходите да се од различни основи и да не зависат само од еден извор. Овој проблем е комплексен и пред сѐ трансформацијата треба да почне од секое заштитено подрачје – објаснуваат од МЕД.
Неодамнешното прогласување на Шар Планина за национален парк е уште еден поттик да се разгледа, да се отвори прашањето за финансирањето на националните паркови.
– Управата на НП Шар Планина треба од самиот почеток да вложи напори за воспоставување наплатен систем за туроператори, хотели/ресторани, собирачи на диви плодови и слично. Јавната установа НП Шар Планина ќе има голема улога во зачувувањето на природните ресурси, а за тоа се потребни средства. Доколку новиот парк продолжи со старите начини, познати за други паркови во земјава, ќе биде доста неодржливо за природата на Шар Планина, но и за брендот на новиот национален парк – изјавуваат од МЕД.

Андон Бојаџи од НП Галичица вели дека неповолната или, подобро речено, погрешната практика на финансирање на заштитата на природата во националните паркови во Македонија, вклучувајќи и во Галичица, се должи на погрешниот пристап воспоставен од државата во времето на нивното прогласување.
– Иако во тој момент имало делумно оправдување за воспоставувањето на таквиот пристап, последиците се долгорочни и, за жал, сѐ уште влијаат врз заштитата и управувањето со националните паркови до ден-денес. Добра меѓународна практика за финансирање на заштитата на природата во националните паркови е од буџетот на државата. Во Македонија и уште само во неколку држави, парковите се оставени сами да си ги обезбедат неопходните средства за оперативно работење. За волја на вистината, трите македонски национални паркови од нивното прогласување, па до денес, шумите ги користеле одржливо, во согласност со десетгодишните планови за управување со шумите, односно немало прекумерно користење. Сепак, од аспект на заштита на природата во категоријата национален парк, ваквиот пристап не е посакуван и, уште поважно, не е препорачан од ИУЦН, меѓународната организација за заштита на природата – истакнува Бојаџи.

Развојот на туризмот во парковите може да носи повеќе добивки.
– Од една страна, администрацијата на парковите може со воспоставување едукативни содржини и активности насочени кон посетителите директно да влијае на сериозно издигнување на свеста за потребата од заштита на природното наследство и, од друга страна, преку наплата на надоместоци за туристички активности во националниот парк да ги обезбеди потребните средства за оперативно работење. Нашиот закон за заштита на природата го регулира и овозможува ваквото функционирање – дополнува тој.
Јавната установа Национален парк Галичица во последниве неколку години почна значително да ги намалува количествата на пресечени дрва.
– Тоа беше овозможено поради зголемениот приход од туристичките активности и, секако, поради исклучителната финансиска помош што Галичица ја добива од Фондот за природа Преспа – Охрид (ПОНТ), кој покрива половина од оперативните трошоци – додава Бојаџи.