Скоро два месеца нашата земја го живее карантинскиот живот, сите манифестации се замрзнати, културните објекти се под клуч, концерти и промоции нема. За среќа, тука се интернетот и социјалните мрежи, каде што, сепак, луѓето можат да си ја отворат душата, да испратат порака со некоја песна и во виртуелен контакт со другите да почувствуваат дека не се сами. Музиката, според многумина, е најдобриот лек во вакви ситуации. А бидејќи секој тргнува најпрво од дома, од добро познатите рефрени често се постираат песни на домашни автори и изведувачи, кои обележале нечија младост, поврзани се со многу спомени, испратиле убави пораки и го поттикнале позитивниот дух кај луѓето.
И македонските радија, раководени од целата оваа атмосфера, со својата понуда се трудат да бидат во чекор со случувањата и емитуваат песни што се ведри, поттикнуваат убави чувства и емоции, смируваат и нѐ потсетуваат на некои убави времиња.
Прашавме наши познати музички новинари и радиоуредници кој би бил нивниот избор на песни што се најсоодветни за периодот во кој живееме, а се од домашно производство. Интересно, колку и да беа различни нивните наслови, сите на прво место ставија една иста песна, која деновиве како да стана химна на животот во изолација. Тоа е „Чукни во дрво“ на групата „Леб и сол“, за која текстот и музиката ги напиша Влатко Стефановски.
Песната се најде на последниот студиски проект на „Леб и сол“, на албумот „Путујемо“, издаден во 1989 година, кога групата беше во својот оригинален состав: Влатко, Бодан, Гаро и Кокан. На плочата „Путујемо“ се и хитовите: „Исток-запад“, „Трач“, насловната „Путујемо“(придружни вокали), Кире Костов (флугелхорн) и Зоран Јовановиќ-Лима (саксофон и кларинет).
Овој голем хит, што го потпишува Стефановски, кој, еве, денес е поактуелен и послушан од кога било, како и други песни со негов потпис, е дел од неговата интимна приказна, која допира до илјадници луѓе.
– Јас постојано давам сѐ од себе, работам, а најважно од сѐ е дека публиката реагира, враќа и значи ништо не е залудно. Пеам за тоа што ме измачува, за тоа што ме интересира, за мојот живот и за она што го гледам околу мене. Тајната на широката слушаност, најверојатно, е во искреноста и во подготвеноста да се чепне подлабоко во сопствената душа – вели Стефановски за причините поради кои некои негови песни, а особено „Чукни во дрво“, го најдоа патот до срцата на слушателите.
А луѓето, кои со првиот ден на пролетта масовно ја постираа „Чукни во дрво“, на своите профили на Фејсбук и на другите социјални мрежи, со коментар „надвор е пролет и живи сме“, како најсоодветна за сето она што ни се случува периодов, велат дека ги привлекува едноставноста, а во исто време големата искреност со која во песната се апострофираат најголемите животни вредности, дека и покрај сѐ ние сме живи, заедно сме и се сакаме. Или како што вели Стефановски: „На Бога камења не сме фрлале/Од други повеќе не сме грешеле, Со една надеж за трошка љубов/За малку среќа, живееме….“
Но освен „Чукни во дрво“, има и многу други македонски песни со силна порака, кои ги издвоија нашите соговорници. Биљана Николовска, уредничка на редакцијата за популарна музика на Македонското радио, се определи за следниве наслови: „Чукни во дрво“ – „Леб и сол“, „Светлина“ – „Клержо“, „Жива станица“ – Љупчо Стојановски, „Скитник“ – Јаков Дренковски, „Девица“ – „Макакус“, „Старо купувам“ – „Бон тон“.
Нејзината колешка од истата медиумска куќа, МРТ, Александра Јовановска, уредничка и водителка на телевизиската музичката емисија „Стисни плеј“, која со години ја промовира македонската забавна музика, се одлучи за следниве песни: „Чукни во дрво“ – Леб и Сол“, „Оган под ѕвездите“ – „Меморија“, „Обои ме“ – Калиопи, „Анастасиа „- „Time never dies“ и Тамара Тодевска – „Proud “.
Ранко Петровиќ, првиот човек на популарното Радио Бубамара од Скопје, го направи следниот избор: „Чукни во дрво“ – „Леб и сол“, „Само дома си е дома“ – Владо Јаневски, „Да си жив и здрав“ – Игор Џамбазов, „Секогаш по дождот доаѓа сонце“ – Тоше Проески, „Скитник“ – Јаков Дренковски, „Не се давај Скопје, старо момче мое“ – Зафир Хаџиманов и „Ја излези Ѓурѓо“ – „Некст тајм“.
Иван Бечковиќ, уредник и водител на емисијата „Нова плоча“ на радиомрежата Метрополис и претставник на „Кроација рекордс“ во нашата земја, се одлучи за следниве наслови: „Чукни во дрво“ – „Леб и сол“, „Нешто убаво“ – Ребека, „Добро утро добри луѓе“ – Александар Белов, „Засекогаш“ – Ѓорѓи Крстевски, „Што е мое ќе си дојде“ – Дарио, „Љубов“ – Бени Шакири, „Подај ми рака“ – Кристина Арнаудова, „Денес“ – Кристијан Габроски, „Фреквенции на љубовта“- „Ареа“ и „Верувам во себе“ – Мијата.