Германски психијатар порачува

За да се борат против ширењето на коронавирусот, многу земји воведоа забрани за движење и контакт или на друг начин го ограничија социјалниот живот. Дури и таму каде што со закон не е потребно да се остане дома, луѓето од страв многу ретко или никогаш не излегуваат надвор. Според професорот по психијатрија на Универзитетот во Улм и шеф на тамошната психијатриска клиника Манфред Спицер, тоа не е секогаш соодветно решение.

– Знаеме дека карантинот, како крајна форма на ограничување на движењето, всушност може да доведе до психички нарушувања, дури и кај совршено здрави лица. Постојат долгорочни истражувања што покажуваат дека по карантинот, постои поголема зачестеност на анксиозност, нарушување во спиењето или дури и посттрауматско нарушување. Нема разлика помеѓу постари и помлади, или мажи и жени. Секој може да биде засегнат, затоа се препорачува ваквите мерки да се воведат само кога се навистина неопходни – објаснува Спицер.
Во интервју за „Дојче веле“, професорот вели дека најважното оружје што човекот го има во борбата против коронавирусот е неговиот сопствен имунолошки систем.
– Знаеме што го зајакнува, а една од работите е излегување на свеж воздух. Секако, најдобро е онаму каде што нема никој, да речеме во шума. Докажано е дека редовното одење во шума на чист воздух, на еден или повеќе часови, го зајакнува имунолошкиот систем. Додека, од друга страна,останувањето дома, му штети. Ова е особено важно за семејствата со деца – истакнува Спицер.

Спицер е автор на книгата „Осаменост – непризнаена болест: болна, заразна, смртоносна“. На прашањето што многу често му се поставува овој период, дали социјалните мрежи може да бидат замена за социјалниот контакт, тој вели дека критички е настроен кон социјалните мрежи, но во овие времиња тие се дефинитивно начин за да се одржи контакт. Но истовремено и предупредува за дезинформациите што се шират на нив.
Угледниот психијатар заклучува дека во моментов телефонот е веројатно „најдобриот социјален медиум“ што го имаме на располагање, затоа што обично остваруваме телефонски повици со луѓе што ги познаваме.