Легендарниот рок-музичар Чарли Вотс, кој од самите почетоци беше тапанар на групата „Ролингстуонс“, почина денес во Лондон во 81 година.
„Со огромна тага ве известуваме за смртта на нашиот сакан Чарли Вотс. Почина мирно во една лондонска болница во текот на денешниот ден, опкружен со своето семејство. Чарли беше сакан сопруг, татко и дедо, а исто така член на групата „Ролингстонс“, еден од најголемите тапанари на својата генереација“, наведе во соопштението за јавноста публицистот на славниот музичар, Бернард Доерти.

Веста за заминувањето на ценетиот музичар стигна неколку недели откако беше објавено дека Вотс ќе пропушти настапи на турнејата на бендот во САД, за да се оправи од медицинска процедура.

Чарли Роберт Вотс, познат како Чарли Вотс е роден во Лондон на 2 јуни 1941 година. Израснал слушајќи ги великаните на џезот. Свирел бенџо пред да ги добие од родителите првите тапани и веднаш почнал да вежба, симнувајќи ги актуелните хитови.

Запишал Уметничка школа на универзитетот Вестминстер, а и кога официјално станал члнен на „Стоунси“ во 1963 година, уште работел како графички дизјанер во една огласна агенција.

Во текот на повеќедецениската соработка со Мик Џегер и со другите членови на бендот, тој бил матицата која ги држела сите заедно.

Затоа многумина со жалење ги прифатија гласовите дека Чарли го напуштил бендот. А ги имало повеќе откако во 2004 година, му бил дијагностициран рак на грлото.

По објавата за неговото заминување од Чарли Вотс на социјалните мрежи се простуваат колегите, пријателите, обожавателите, изненадени и погодени од непријатната вест. Меѓу првите од Вотс се збогуваа Елтон Џон, Брајан Адамс, Глен Метлок од „Секс пистолс“ и многу други.