Менче Кадинец, лекарка со поетска душа

Прилепчанката Менче Кадинец, примариус доктор, која целиот свој живот е дел од медицината како детска педијатарка, последните години ѝ се посвети на својата љубов од училишните денови – пишувањето поезија. Најчесто пишува за љубовта кон блиските, децата, родителите, верата во Господ, за секојдневните случувања. Првата стихозбирка ѝ е „Остави ја тагата“ (2007 г.). Потоа ја издава збирката „Босонога“.

Кадинец вели дека треба да се има храброст да се изнесат чувствата пред читателите.
– Потребна е храброст да се отвори душата, срцето. Секој мој стих го означува животот. Уште од најраните училишни години, моите песни се објавувани во тогашните списанија „Наш свет“ и „Студентски збор“. За збирката „Анатомија на душата“ ја добив втората награда на манифестацијата „Книжевни меридијани“. Лани пред читателската публика се претставив со книгата раскази „Изгубена белезица“ – вели Кадинец, која е застапена и во антологиите „Свето писмо“, „Поезија за Мајка Тереза“, „Поезија за празниците“.

Со посебно задоволство ја изделува наградата во зборникот на песни „Поезофија“, спој на поезија и филозофија, во издание на Стефана Станивук Врселиновиќ од Белград. Нејзина поезија е дел од „Лира дружба“, меѓународна литературна асоцијација во Русија, а на националниот поетски конкурс „Есенни Шурци“ лани во Бугарија ја освои втората награда за поезија. Сака да пишува стихови за децата. Нејзини песни се во изданието „Стихувалки“, а моментно работи на издавањето сликовница за деца. Нејзиното творештво ќе биде збогатено и со нова книга поезија, на која неуморно работи. Вели дека поезијата е желба да се зграби животот во трк, со сите негови доблести, мани и недостатоци.