Пандемијата на коронавирусот ги намали работните места за повеќе од 30 милиони Американци од средината на март. Во исто време, следењето на контактите, малку позната техника за зачувување на јавното здравје, се претвори во одлична можност за работа.

Додека градовите и државите повторно ги отвораат своите економии, многумина го зголемуваат својот капацитет за да ги следат контактите, во обид да го ограничат ширењето на коронавирусот.

Дефиницијата за ова работно место би гласела: под барање контакти се подразбира наоѓање лица заразени со коронавирусот, обезбедување информации за болеста и нивно охрабрување на 14 дена самоизолација за да се избегне потенцијално заразување на други лица.

Следењето и барањето контакти не вклучува многу детективска работа, иако експертите велат дека вештините за критичко размислување и упорноста се меѓу клучевите за успех, пренесува порталот „Биз-лајф“.

Луѓето што детектираат случаи на заразени контактираат со лицата што се позитивни и се обидуваат да ги соберат имињата и телефонските броеви на нивните блиски, како што се членовите на семејството, пријателите или колегите. Овие информации се проследуваат до трагачите по контакти – вработени што се обучени за тоа и кои не мора да имаат универзитетско образование или познавања од здравствената заштита.
– Важно е да ви биде пријатно при работата со списоци, медицинската терминологија и несаканите повици. За мене тоа беше најтешкиот дел. Им соопштувате на луѓето вести што се потенцијално многу вознемирувачки и сериозни. Никогаш не знаете на што ќе наидете на другиот крај на телефонот – вели Кристијана Коил, поранешна трагачка по контакти и професорка на Универзитетот за јавно здравје во Њујорк.

Трагањето по контакти не е професија што настана за време на пандемијата на коронавирусот. Во САД ова беше ефикасна техника за борба против ширењето на ХИВ, туберкулоза, сипаници, па дури и за заболувања што се пренесуваат преку храна.
Преку стимулативниот пакет, Конгресот веќе издвои речиси 26 милијарди долари за да им помогне на јавните здравствени установи да платат за помасовно тестирање за ковид-19 и за трагање по контакти.

Државите и локалните самоуправи користат најразлични пристапи за да ја зголемат својата способност да бараат контакти. Тие ангажираат нови работници, регрутираат доброволци, потпишуваат договори со други компании за вработување итн. Некои дури експериментираат со апликации за следење контакти.

– Силиконската долина дизајнира апликации за барање контакти. Ваквите апликации работеа добро во делови од Азија, како Кина и Јужна Кореја, но има многу различни мислења за приватноста и граѓанските слободи во САД – вели Даниел Габриел, поранешна службеничка на ЦИА, која се занимава со здравство и која постигнала особен напредок во секторот за трагање по контакти.

Големи непрофитни организации, оператори на телефонски центри и други се натпреваруваат со владите во потрага по контакти, а некои дури и директно учествуваат. На пример, компанијата „Макимус“ со седиште во Рестон, Вирџинија, неодамна склучи договор со државата Индијана за да бара контакти во повеќе од 90 окрузи.

Јавното трговско друштво, кое води програми за здравствени и човечки услуги за владините агенции, веќе ангажира околу 200 трагачи по контакти за изградба на телефонски центар составен од 500 лица, се наведува во соопштението на компанијата.

– Неодамнешните отпуштања во владиниот и во здравствениот сектор создадоа многу потенцијални кандидати за работното место трагач по контакти – забележува Мајкл Фрејзер, извршен директор на Здружението на државни и територијални здравствени службеници.

Тој истакнува дека за оваа работа искуството не е потребно.
– Она што е навистина важно е дека трагачите за контакти и луѓето што ги истражуваат случаите ги знаат заедниците на кои ќе им служат. Луѓето што ги загубија своите работни места, но се многу активни во своите заедници, можеби ќе сакаат да аплицираат. Истото важи и за студентите што одат на колеџ или за луѓето што волонтираат. Голем дел од работата е да повикате некој да зборува за приватни здравствени работи и затоа мора да градите доверба и да разговарате со тие луѓе – објаснува Фрејзер.