Компанијата „Леново“ го претстави првиот компјутер со екран на превиткување на форумот „Accelerate 2019“, објави порталот „Venturebeat“.

Компјутерите на преклопување, познати како лаптопи, постојат одамна, но овде станува збор за екран на превиткување сличен како кај мобилните телефони „Самсунг галакси фолд“ и „Хуавеј мејт х“.

Од производителот порачуваат дека во овој случај не станува збор за замена за паметен телефон, туку сметаат дека нивната иновација во иднина ќе ги замени лаптопите.

-На овој производ гледаме како на замена за стандардните лаптоп модели и веруваме дека истиот ќе отвори нови можности- рече маркетинг директорот на „Леново“, Том Батлер.

Се наведува дека производот засега нема име, ниту пак за него е одредена конкретна цена.

Кинеската мултинационална компанија во изминатите три години работи на развој на прототип на компјутер под називот „Тинк пад“, кој изгледа како телефон на преклопување, но со многу поголеми димензии.

„Леново“ планира овој уред официјално да го претстави во 2020 година, како дел од својот бренд „Тинк пад X1“.

Целта е врвен производ кој ќе биде компјутер самиот за себе, а не додаток како што се таблет уредите. Моделот ќе има способност да се преклопи до големина на стандардна книга.