Трка за вонземјани

Кинески истражувачи што работат на телескопот ФАСТ, најголемиот радиотелескоп во светот, изработуваат стратегија за потрага по вонземски живот. На овој начин и Кина се придружува во трката за вонземјани, во која тие со Американците се натпреваруваат кој ќе биде првиот што ќе ги пронајде.
ФАСТ или „Небесно око“ е најголемиот радиотелескоп од еден дел на светот, со дијаметар од дури 500 метри. Со неговата употреба Кинезите му станаа „конкуренција“ на меѓународниот проект СЕТИ, кој пребарува сигнали од вселената преку мрежа на радиотелескопи, пишува „Спејс.ком“.

– На повеќето научни полиња уште од Втората светска војна доминираат западните држави. Како и да е, Кина сега ги стигнува, а во некои сегменти и ги надминува. Кина веќе има ресурси да стане водечка нација во светот во неколку сегменти на научни истражувања и развој на технологијата – вели Мајкл Миша, автор на книгата „Контакт со вонземските цивилизации: Нашите надежи и стравови од средбата со вонземјани“.
Миша додава дека ФАСТ може да ѝ овозможи на Кина преку радиосигнал да контактира со некоја вонземска цивилизација, доколку таква постои.
Даглас Вакоч, претседател на компанијата „Мети“ со седиште во Сан Франциско, која исто така трага по вонземска цивилизација преку радиобранови, тврди дека вселенската трка, каква што била во 1960-тите години меѓу САД и Советскиот Сојуз, нема да се повтори. Според него, клучот за потрагата по вонземјани е меѓународната соработка.

– Мрежа радиотелескопи низ светот бараат сигнал од вселената. Во време кога меѓународните односи се затегнати, астрономите треба да го избегнат тоа. Астрономите што ќе откријат вонземски сигнал сигурно ќе доживеат меѓународно признание, но оние што се обидуваат сами да го сторат тоа, ризикуваат нивното откритие да остане непотврдено, а на тој начин и неверодостојно – истакнува Вакоч.
Тој смета дека меѓународната соработка е важна и затоа што радиотелескопите треба да преземаат сигнал од одредена ѕвезда во зависност од позицијата на Земјата, затоа што еден телескоп може да го следи само во одреден дел од денот.
– Ако неколку телескопи не го детектираат истиот сигнал од одредена локација од вселената, тогаш може да станува збор за техничка грешка. Или, ако се појави сигнал на еден телескоп, тој би можел брзо да исчезне, ако астрономите што работат на него не ги известат своите колеги на телескопот, кој би можел да го преземе сигналот – објаснува Вакоч.

Американски астроном Стивен Дик, пак, верува дека трката меѓу Кина и САД во потрага по вонземјани всушност значи дека двете големи земји се вклучуваат во решавање на една од најголемите научни теми на денешницата, но тоа го комплицираат геополитичките односи.
– Во тоа ќе треба да бидат вклучени не само астрономите туку и другите научници од сферата на општествените науки. Контактот со вонземјаните може да ги промени нашите научни, филозофски и религиозни погледи на начин што сега не можеме да го предвидиме – вели Дик.