Откако беше најавено дека отворањето на летните бавчи и кафулиња во Чешка се планира за 25 мај, одделни угостители се пошегуваа со тоа како ќе изгледа нивната работа во иднина. На социјалната мрежа Фејсбук се појави интересно видео, кое за кратко време стана вистински хит.
– Датумот 25 мај, кога ќе дојде до повторно отворање на рестораните и летните бавчи, е сѐ поблиску. Ние не сакаме ништо да му препуштиме на случајот. Очекуваме растојание од метар и половина меѓу гостите и персоналот. Развивме интерни методолошки упатства и во моментот ги спроведуваме во практика во нашиот тим.
Подготвени сме на сите потенцијални тешкотии. Се инспириравме во странство и снимивме практична вежба – се пошегуваа келнерите во еден чешки ресторан.
Во видеото келнерот, од растојание од метар и половина, буквално му ги фрла нарачките на гостинот и тие се кршат и паѓаат на земја. А тој исто така му ги фрла парите на келнерот и на крајот тие љубезно се поздравуваат. Ова видео за многу кратко време има над 600.000 посети, споделено е 6.000 пати и во моментот е апсолутен хит на интернет.