Истражувачите од водечката кинеска фармацевтска компанија „Синовак“, кои работат на развој на вакцина за коронавирусот ги објавија резултатите од тестирањето врз животни во научните списанија, кои дадоа одлични резултати, а започнаа и со клинички истражувања. Тестирањето на животни покажало дека прочистената неактивирана вакцина против вирусот САРС-ков-2 го активира производството на антитела против новиот коронавирус кај глувци, стаорци и кај мајмуни макаи.

Се покажало дека антителата неутрализираат дури 10 варијации на новиот вирус.
Антителата по вакцинацијата кај мајмуните, кои биле имунизирани со по две дози вакцина (три или шест милиграми по доза), биле доволни за борба против вирусот. Тестираните животни не покажале негативни реакции од вакцината, а тоа било потврдено и со хематолошки и со биохемиски анализи. Два дена пред објавувањето на научниот труд, од фармацевтската компанија објавија дека започнале и со клинички испитувања кај луѓето.

Првата фаза на тестирањето ќе биде направена во две групи со вкупно 144 волонтери. Станува збор за здрави доброволци на возраст од 18-59 години од кинеската провинција Џијангсу. Тестирањето е одобрено од Кинеската национална администрација за лекови. Според Вејдонг Јин, претседател и извршен директор на „Синовак“, компанијата ќе ги забрза истражувањата за поддршка на глобалната борба против пандемијата на коронавирусот.