И така тие заминаа. Не е тешко да се види зошто – медиумите ги избркаа, повеќе отколку кој било друг фактор, а нивната улога едноставно не беше вредна за жртвувањето кое се бараше, пишува Шон О’Грејди во неговата колумна за „Индипендент“.

Во изјавата на Бакингамската палата, намерата на кралицата е јасна – „ги препознавам предизвиците со кои тие се соочија, како резултат зголеменото внимание врз нив во изминатите две години, и ја поддржувам нивната желба за послободен живот“.

„Зголеменото внимание“ се однесува на тоа што „медиумите ги направиле нивните животи пекол“, а „послободен живот“ значи дека тие веќе немаат намера ја трпат ваквата ситуација. Треба да се истакне дека интензивниот интерес на медиумите за принцезата Дијана, придонесе за нејзината смрт во 1997 година, кога Хари беше на 12 -годишна возраст. Принцот Хари секако ги смета медиумите за одговорни, и очигледно е решен да се осигури оти неговата сопруга и син нема и натаму да бидат предмет на таков третман. Се останато, нивните улоги во хиерархијата на британското кралско семејство, се во втор план.

Кога тие, неодамна одлучија да ги тужат весниците, одбраната на „Дејли мејл“ за следењето на нивните животи, понуди одредена поука. Меган „е истакната јавна личност, чија способност за извршување на кралските должности и за примање на јавни пари, е предмет на јавен интерес, и чие однесување, во минатото и сега, и јавно и приватно, вклучувајќи го постапувањето во односите со нејзиното семејство и со други луѓе, со право е од значителен јавен интерес“. Згора, таа и Хари „се потпираат врз публицитетот за да ги задржат привилегираните позиции“, тврдеше „Дејли мејл“.

Потоа уследи заканата дека ќе го викнат таткото на Меган да сведочи пред судот, што беше голем удар врз неа. Секој што имаше сомнежи за медиумската кампања на омраза која се водеше против Меган, само требаше да ги види тие зборови и постапки.

Најпосле, документот за одбраната на „Дејли мејл“ претставуваше водич што Хари и Меган го употребија за да избегаат од вниманието односно прогонот на медиумите. Тие останаа без кралските титули, нема да ја претставуваат кралицата, ќе се повлечат од нивните кралски должости, нема да земаат пари од даночните обврзници и ќе ги вратат парите што ги употребија за реновирање на имотот во Виндзор. Тие ќе живеат во Канада и ќе бидат славни личности што ќе се заминаваат со хуманитарна работа. На тој начин, „јавниот интерес“ од медиумите за нивниот приватен живот ќе биде значително помал.

Хари и Меган најпосле ќе можат да избегаат од расизмот, мизогенијата, фикциите и злобностите. Тие докажаа дека не мораат да го трпат тоа и дека можат да го остават зад себе. Тие веќе не се јавен имот.

Британската монархија загуби две од нејзините најсјајни ѕвезди. Кралското шоу секако ќе продолжи, исто како и по Дијана или по абдикацијата на кралот во 1936 година, но Хари и Меган ќе недостасуваат, најмногу на британските таблоиди. Тие веќе нема да ја имаат Меган за да удираат по неа.