На Алтајските планини во Монголија, постои мала група на ловци кои живеат и другаруваат со златните орли. Тренирањето и соживотот меѓу овие луѓе и нивните орли е дел од традиција стара стотици години. Но, бројот на овие ловци постојано се намалува. Се верува дека се останати околу 100 вистински дресери на златни орли во овие планини.

Тие ги фаќаат златните орли кога тие се на возраст од околу четири години, со цел да се адаптираат на луѓето и да научат да ги слушаат нивните команди. По поминатата обука, орлите ловат мали цицачи, кои по фаќањето ги носат кај нивните дресери.

Животниот век на златните орли е околу 30 години, а ловците ги задржуваат крај себе околу десет години. Потоа, ловците ги враќаат орлите во дивината и ги ослободуваат, за величествените птици да ги поминат преостанатите години од нивниот живот на слобода.

Ловците одржуваат фестивал во чест на златните орли, во областа Бајан Улги во близина на градот Улги, западна Монголија.

За жал, со текот на времето и промената на начинот на живот, ловците полека заминуваат во историјата. Постарите се незадоволни од младите генерации, ги обвинуваат за мрзеливост, и за непочитување на традициите на нивните предци, а ги чуваат орлите само како домашни миленичиња. 

– Младите се мрзеливи, а тоа ги прави и нивните орли мрзеливи. Тие ги чуваат орлите само за да се натпреваруваат на фестивалот – се жали еден стар ловец.

Традицијата се пренесува од колено на колено, и оние кои не се родени во семејство на ловци, не можат самите да станат дресери. Традиционално, поголемиот број ловци се мажи, но понекогаш можат да се сретнат и девојки кои стануваат ловци.

Врската и пријателството помеѓу златните орли и нивните дресери е многу силна и тие ги сметаат како дел од семејството. Еден стар ловец објаснува како се разделил од својата последна птица.

– Разделбата со орелот е како смрт на член од семејството. Откако го однесов во дивината и го ослободив, често се грижам и размислувам дали е безбеден, дали има храна и дали свил свое гнездо. Понекогаш го среќавам во моите соништа – вели стариот ловец.