Познатата пејачка Доли Партон минатата година донираше милион долари за развој на вакцината против ковид-19 на „Модерна“, една од двете што беа одобрени од американските регулатори, со што станаа достапни во САД. Откако наполни 75 години на 19 јануари, Партон ги исполнува условите за вакцинирање, а сепак ќе чека, наведува „Си-ен-ен“.

– Нема да ја добијам вакцината преку ред. Не сакам да изгледа дека ме фаворизираат како славна личност или затоа што донирав пари. Јас сум многу принципиелна во врска со тоа. Ќе чекам да дојдам на ред  – објаснила Партон за „Асошиејтед прес“.

Партон меѓудругото кажала дека размислува да ја набави вакцината за својот роденден, но се откажала, за сето тоа да не изгледа како шоу. Пејачката планира да зборува јавно за искуството од вакцинирањето.

– Кога ќе ја примам, веројатно ќе го сторам тоа пред камера за луѓето да знаат и ќе им ја кажам вистината, ако имам симптоми. Се надевам дека тоа ќе ги охрабри луѓето – рече Партон.