Автор: Дејвид Агрен

Гардијан

Бесните Мексиканци упаднаа во музејот со барања да се отстрани сликата на револуционерот кој позира со само розово сомбреро на себе

Новиот портрет на Емилијано Запата предизвика лавина негодувања поради тоа што мексиканскиот револуционер беше прикажан во заводлива поза, поточно облечен само во розово сомбреро и високи потпетици.

Бесните Мексиканци упаднаа денес во еден од најпознатите музеи во државата и бараа да се отстрани сликата која е дел од изложбата со наслов „Запата по Запата“, во која се претставени алтернативни погледи на Мексиканската граѓанска војна.

– Ова не е слобода на изразување, туку дебакл и деградирање. Тие не смеат да ја прикажуваат историјата на ваков начин. Не смее да се дозволи вакво исмејување – порача Антонио Медрано, предводник на демонстрантите.

На малата слика на Фабијан Чаирез е насликан голиот Запата на бел коњ. Неговата витка става е обвиена со декоративна лента во трите бои на Мексико, црвена, бела и зелена, а усните му се напрчени под препознатливите мустаќи.

Сликите што беа објавени во медиумите предизвикаа силни реакции во Мексико каде што Запата несомнено се смета за народен херој уште од граѓанската војна во 1910 година кога повикуваше на „реформи, слобода, правда и закони“. Некои од наследниците на Запата, кои ги негуваат истите мустаќи, ветија дека ќе преземат правни мерки против изложбата.

– Ова нема да го дозволиме. За нас, роднините, ова го деградира ликот на нашиот генерал и го прикажува како хомосексуалец – порача Хорхе Запата Гонзалез.

Запата се поврзуваше со неверодостојни приказни за хомосексуални љубовни врски во последниве неколку децении, но историчарите велат дека не постојат цврсти докази кои би ги поткрепиле приказните.

Бесните Мексиканци упаднаа бараа да се отстрани сликата

Мексиканските политичари од сите делови на политичкиот спектар долго време се трудеа да го прикажат Запата како свој херој, меѓу кои и некои од неговите наводни револуционерни сојузници кои подоцна го предадоа и убија. Претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор на одбележувањето на стогодишнината од негова смрт ја прогласи 2019 за „годината на Запата“, притоа величејќи ја сликата на револуционерот со познатите мустаќи, сомбреро и униформа што се наоѓа на владините меморандуми и промотивни материјали.

– Тој е најнеконтроверзниот револуционер и „најголемиот левичар“ во современиот свет – порача Харим Б. Гутиерез, професорот по историја на независниот универзитет „Метрополитен“.

Но сликата на Запата исто така има претрпено најмногу промени и беше употребена во многу општествени движења кои можеби и немаат многу сличност со неговата привична борба за подобра иднина на обичните селани. Луис Варгас Сантијаго вели дека „на секои 20 години се појавуваат нови теми за сликата на Запата“. Тој, инаку, е кустос на актуелната изложба во Палатата на современата уметност.

Неодамна главна тема станаа родот и сексуалноста. Актуелната изложба се случи во период кога ЛГБТ-заедниците во Мексико станаа повлијателни, а жените погласно говорат против ендемскиот мачомен во државата, сексуалното вознемирување и фемицидот. Во изминатите неколку недели, жените кои во Мексико Сити протестираа против сексуалното насилство, беа критикувани затоа што цртале графити на спомениците и на неколкувековните станбени објекти.

Варгас Сантијаго вели дека користењето на ликот и делото на Запата во ширење на општествените агенди има слична заднина. Сликата на Запата не е фиксен симбол што не може да се оспори. Исто како што спомениците можат да се спорат, така и сликата на Запата може да биде поткопана.

Тој додава дека некои од потомците на Запата ја поддржале изложбата. Самото семејство е поделено во однос на неговата слика, со тоа што некои од нив сакаат да го претворат во бренд за да продаваат маици и текила со неговиот лик. Според Варгас Сантијаго суштинското прашање е „кому му припаѓа Запата? Дали му припаѓа само на семејството? Дали ѝ припаѓа на државата? Или дали му припаѓа на народот?“ Одговорот е дека тој им припаѓа на сите кои се идентификуваат со неговото наследство.

Лопез Обрадор вчера изјави дека сликата не му пречи, но сепак „семејството на Запата има свој став“. Тој побара од министерството за култура да најде решение за проблемот на семејството. Портпаролот на владата Хесус Рамирез Куевас подоцна на Твитер објави дека владата „е посветена на уметничката слобода на изразување и ги почитува различностите“, а неговата објава гласеше: „Да за слободата, не за цензурата. Да за почитта, не за насилството“.

Превод: Билјана Здравковска