Масивниот глечер на Антарктикот, кој се смета за клучен за глобалното покачување на нивото на морињата, би можел да го загуби својот леден гребен за само пет години, предупреди тим на научници.
Станува збор за глечерот Твајтс со големина на Флорида, кој се наоѓа на западниот дел на Антарктикот и кој некои го нарекуваат глечер на судниот ден. Ова се должи на фактот дека има огромен потенцијал да го подигне нивото на морињата кога ќе се стопи. Површината на глечерот е околу 192.000 квадратни километри, што приближно одговара на големината на Флорида.
Тимот од американски научници соопшти дека се формираат нови пукнатини на источната полица што поддржува една третина од глечерот. Тие, повикувајќи се на сателитски снимки, тврдат дека полицата дејствува како брана што го забавува протокот на мраз од континентот кон океанот, но се чини дека „ја губи контролата“ поради топлата вода што се пробива под глечерот.
– Доколку оваа пловечка ледена покривка се скрши, глечерот ќе забрза со топењето, а неговото влијание врз порастот на нивото на морињата ќе се зголеми за дури 25 проценти – велат научниците, додавајќи дека полицата може да се распадне за само пет години.
Според истражувањето, еден од глечерите на Антарктикот што најбрзо се топи придонесува со 4 отсто од глобалното годишно зголемување на нивото на морињата, додека пукнатините се шират до централниот дел на ледениот гребен за два километри годишно.
– Ќе има драматична промена пред глечерот, веројатно за помалку од една деценија. Објавените и необјавени истражувања го покажуваат тоа – изјави професорот по геологија Тед Скемберс за „Би-би-си“.