Ретко кој останува индиферентен на оригиналните костими направени специјално за серијата „Круна“, кои сега може да се видат одблизу, преку дигитални уреди. Музејот „Бруклин“ одлучи да организира виртуелна изложба наречена „Кралицата и круната“. Создадена од Нетфликс, изложбата нè води низ сите уникатни креации креирани исклучиво за снимањето на серијалот „Круна“, а исто така има и неколку парчиња од новата хит серија „Квин гамбит“. Благодарение на моќта на интернетот, сите љубители на овие серии низ целиот свет ќе можат да ја посетат оваа изложба, бидејќи е можно прегледување во сите димензии, како и зумирање до најмалите детали.
Кураторот во делот за мода, Метју Јокобоски, тврди дека покрај воспоставувањето нови канали за комуникација со редовните посетители, оваа изложба им овозможила и интеракција со љубителите на историјата и уметноста во светот. Изложбата се наоѓа во Домот на уметностите во овој музеј, просторија што, благодарение на прозорците што се протегаат по целата должина на ѕидот, секогаш е полна со природна светлина, што ни овозможува да ги видиме сите примероци во најдобро можно светло. Метју е сигурен дека ова е совршено место за изложување на такви уникатни парчиња и смета дека тоа е особено важно поради фактот што посетителите никогаш не треба да се приближуваат толку многу до овие модни парчиња во реалниот живот.

– Убавината на дигиталната изложба е во тоа што можете да се приближите до уметничките дела колку што сакате, без страв дека ќе бидат уништени. Изложените дела можат да се набљудуваат од сите агли и перспективи, при што никој нема да ве предупреди дека сте преблиску или да ве вознемири – вели Метју.
Од моментот кога е објавена четвртата сезона од серијата „Круна“, сите имаа само едно прашање – како ќе изгледа принцезата Дајана. Особено внимание и напор се вложени во пресоздавањето на нејзините модни комбинации. Дизајнерката на костимите Ејми Робертс со месеци го проучувала стилот на легендарната принцеза и барала материјали што ќе ѝ помогнат да создаде оригинални креации. Исто така, многу важни за изложбата се и парчињата создадени за серијата „Квин гамбит“. Со оглед на сложеноста на умот на главниот лик, стилистите создадоа уникатна и разновидна облека за серијата, која неодоливо потсетуваше на дизајните на Сен Лоран и Пјер Карден од 1950-тите и 1960-тите. Парчињата облека беа инспирирани и од минималистичкиот стил и мотивите што преовладуваа во делата на Мондријан, кои донекаде ја имитираа шаховската табла што го сочинуваше животот на Бет.