Со нетрпение чекаме канцеларијата на шерифот да ни каже што утврдила нивната истрага, им рече Алек Болдвин на новинарите кои заедно со фотографи и камермани неуморно го следат деновиве, обидувајќи се да добијат коментар во врска со трагичниот инцидент на снимањето на филмот „’Рѓа“. Медиумите завчера успеаја да извлечат куса изјава кога Болдвин застана со својот автомобил покрај пат.
– Шокантната смрт на снимателката Халина Хачинс е една во трилион случаи. Таа ми беше пријателка – вели Алек Болдвин на снимката што ја емитуваше „Ти-ем-зи“ во саботата, додавајќи дека ги поддржува ограничувања за употребата на вистинско оружје во филмови и ТВ-серии.
Болдвин и неговата сопруга разговараа со новинарите кои ги пресретнаа во еден мал град во Вермонт во саботата, што е прво појавување на актерот во јавноста по смртта на Хачинс. Болдвин нагласи дека добил инструкции да не ја коментира истрагата од властите во Санта Фе, Ново Мексико.
– Одвреме-навреме се случуваат незгоди на филмски сетови, но ништо слично на ова. Ваква несреќа е една во трилион – им рече актерот на новинарите.
Тој нагласи дека се залага регулаторите да преземат мерки за ограничено користење боева муниција на снимањето сцени со пукање.
Трагичниот инцидент се случи на 21 октомври, кога Болдвин испука пиштол наполнет со вистински куршум за време на проба на сет. На Болдвин му било кажано дека пиштолот е безбеден.
Засега не е покренато обвинение против никого, а канцеларијата на шерифот на Санта Фе соопшти дека ќе биде потребно време за да се заврши истрагата. Останува нејасно како боева муниција стигнала до сетот.