Изминатиов викенд во организација на ЗГ „Велес Бајкинг“ по 4-ти пат се одржа Аудор фестивалот „Азот 2018 мтб Предизвик“.

Централни активности како и изминатите години беа двете патеки за планински велсипедизам, а од оваа година настанот се прошири со активностите за планинарење, планинско трчање и алпинизам. Централно место на сите случувања беше кампот во дворот на ОУ „Петар Поп Арсов“ во село Богомила на 497 метри надморска височина.

Околу 300 учесници кои присуствуваа во Богомила овој викенд, заедно со месното население и нивните гости имаа ретка можност да ги почувствуваат убавините на Богомила.

– Саботата наутро неколку велосипедисти го возеа малиот маратон во придружба на амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш кој имаше огромни позитивни забелешки за природните убавини на овој регион. Попладнето околу 40 велосипедисти ја посетија преубавата Бистрица и манастирот „Св.Петар и Павле“ и тамошниот етно музеј. Несекојдневен настан беше Украинската вечера, огранизирана од заменик амбасадорот на Украина, Ростислав Палагусунец, кој заедно со неговите пријатели присутни во Богомила се големи љубители на планинскиот велосипедизам и уживаа во убавините на Азот. Во кампот имаше организирано следење на ракометниот натпревар на Македонскиот првак Вардар, а вечерта се гледаше и финалето во лигата на шампионите. Потоа настапија рокерите „Епидеми“ од Кавадарци – ни сподели Зоран Јаневски, организаторот на фестивалот.

Патеките се возат низ еден од најубавите предели во Македонија, а поминуваат низ селата Нежилово, Црешнево, Капиново и Папрадиште како и планинарскиот дом Чеплес.

– Во најголем дел од патеката се возеше низ шумски предел со преубави погледи кон врвот Солунска глава, низ неколку мали или поголеми водопади каде природата ја покажува својата имагинација. Чистиот воздух го имаше во неограничени количини – вели Зоран.

Покрај велосипедистите, десетина планинари пешачеа низ преубавите предели на Азот на релација Богомила-Капиново-Црешнево-Богомила во должина од 14,8 километри.
Исто така свој настап имаа и планинските тркачи од „Трекс“ од Скопје кои имаа дводневна агенда.

– Првиот ден тие трчаа од село Ореше до врвот Солунска глава и како крајна точка до Нежилово, а вториот ден трчаа на релација Богомила-Мокрени-Богомила – додава Јаневски.

С.Ј.