Романот посветен на културната парадигма на „Баухаус“, „Змејови од хартија“ од писателката Мира Оташевиќ, деновиве излезе од печат во издание на „Арс либрис“. Станува збор за врвно книжевно остварување по повод стогодишнината од формирањето на влијателниот образовен центар на модерната уметност „Баухаус“.
Ова е прва книга на истакнатата српска авторка Мира Оташевиќ (1944 – 2019) објавена на македонски јазик, по иницијатива и во превод на преведувачката Алида Муча. Инаку, по „Змејови од хартија“ Алида Муча го реализира и преводот на романот „Сестрата на Ниче“ од истата авторка, кој наскоро треба да излезе од печат.
Романот „Змејови од хартија“ ја следи возбудливата биографија на архитектот Селман Селманагиќ кого животната матица, од родната Сребреница го однела во престижната уметничка школа „Баухаус“ во Германија, во која се образоваа повеќе генерации авангардни творци, создадоа сопствен, препознатлив и примерен стил и влијателно движење во модерната и постмодерната уметност, особено во архитектурата, сликарството, дизајнот, фотографијата и во други домени на современата уметност.
Мира Оташевиќ е истакната писателка, чии книги, среде бујната белетристичка издавачка дејност во Србија, се издвојуваат според литературните квалитети и како финалисти во поголем број релевантни книжевни натпревари. Таа е прозаистка, драматург и теоретичарка на книжевноста и театарот. Ги објавила книгите „Споени садови“ (1980), романот „Магамал“ (1994), „Сестрата на Ниче“ (1999), „Бекет и јастогот“ (2005), „Змејови од хартија“ (2008), „Зоја“ (2012) и „Горгони“ (2018).