Концертот насловен „Бескрај“ ќе се одржи вечерва, со почеток во 20 часот, кој ќе го изведе оркестарот на Македонската филхармонија. Како солистка ќе настапи бугарската виолинистка Албена Данаилова, а диригент е маестро Најден Тодоров (Бугарија). На програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур од Јоханес Брамс и Симфонијата во Де-мол од Цезар Франк.
Концертот за виолина и оркестар во Де-дур, опус 77, Јоханес Брамс го напишал во 1878 година и му го посветил на својот пријател, виолинистот Јозеф Јоаким. Ова е единствениот концерт за виолина што го напишал Брамс, кој според Јозеф Јоаким е еден од четирите најдобри германски виолински концерти. Концертот премиерно бил изведен во Лајпциг, на 1 јануари 1879, а Јоаким инсистирал на концертот да го изведе и Бетовеновиот виолински концерт. Двете дела биле слични, а Брамс, кој диригирал на концертот, не бил задоволен од одлуката на Јоаким.
Критиката била поделена по премиерата на концертот – некои од критичарите напишале дека Брамс не напишал концерт за виолина, туку концерт против виолината, алудирајќи на комплексноста на материјалот. И Хенрик Виењавски сметал дека концертот е неотсвирлив и премногу комплициран, а одбил да го свири и виртуозот на виолина Пабло Сарасате.
Симфонијата во Де-мол е ремек-дело на францускиот композитор Цезар Франк – финален тестамент што оставил траен белег во неговиот музички опус. По две години работа, Франк ја завршил симфонијата во август 1888 година, а таа премиерно била изведена во Парискиот конзерваториум на 17 февруари 1889 година, под диригентската палка на Жул Гарсен. Франк му ја посветил оваа симфонија на својот ученик Анри Дупарк. И покрај поделените мислења на критичарите, оваа композиција е стожер во репертоарот на сите светски симфониски оркестри, иако статистиката говори дека многу повеќе се изведувала на почетокот од 20 век.
Албена Данаилова е родена во Софија, во семејството на виолинистот Бојан Данаилов и пијанистката Виолета Попова. Дипломирала виолина кај проф. Љубомир Пипков во Националното училиште за музика и на академијата за музика „Панчо Владигеров“. Во 2001 година дипломира на Универзитетот за музика и театар во Росток, Германија. Албена Данаилова е прва жена што станува концерт-мајстор на познатата Виенска филхармонија, која важи за многу конзервативна институција. Данаилова има и успешна солистичка кариера, а наедно настапува и како камерна музичарка. Таа настапува во родната Бугарија, во Германија, Израел, САД. Од 2019 година работи и како професорка по виолина на Државниот универзитет во Виена.
Повеќе од три децении Најден Тодоров достигнува нови врвови во разни жанрови и се наметнува како диригент на најпрестижните сцени во светот. Неговата професионална кариера почнува во пловдивското музичко училиште „Добрин Петков“, каде што на 16-годишна возраст дебитира како диригент. Студирал диригирање кај Крстју Марев и Александар Владигеров, од 1993 година бил студент кај Урош Лајовиц и Карл Остерајхер на Универзитетот во Виена, во 1996 година специјализирал на музичката академија „Рубин“ во Ерусалим, кај Менди Родан. Магистрирал на Новиот бугарски универзитет, докторирал на Универзитетот во Лондон и на насоката културен менаџмент на Новиот бугарски универзитет. Првиот постојан меѓународен ангажман го добива во 1998 година во Хаифа, Израел, каде што е избран, меѓу повеќе од 150 кандидати, за диригент на Симфонискиот оркестар на Северен Израел. Следните години ги посетува најголемите културни центри во Европа, Азија, Африка и во Америка. Од 2000 година, на 26 години, е музички директор на Пловдивската опера и на Филхармонијата. Најден Тодоров диригирал стотици симфониски концерти и оперски и балетски претстави во повеќе земји.