Под слоганот „Како може оризовиот отпад да се трансформира во дизајн?“, Македонското модно здружение-Скопје, заедно со дваесетина млади ученици од СОУ „Ванчо Прке“- Виница, приреди изложба на тема „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн-суровина во Општина Кочани и во Општина Виница“, во домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница.
Имено, под менторство на истакнати дизајнери, уметници и креативци, кои помагаа во реализацијата на овој единствен проект, младите креативци имаа можност да ги прикажат резултатите од творењето во изминатите неколку месеци токму во рамките на изложбата. Овој проект беше финансиран од страна на Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ).
Инхерентните врски помеѓу културното наследство, образованието, земјоделството, дизајнот, занаетчиството и економијата се активираат во контекст на проектот. Зголемената свест за оваа меѓузависност ја поттикнува размената на различни вредности, знаења, вештини и компетенции, генерирајќи увид за сите вклучени, но и за еволуција на проектот.
Сите дела се создадени со многу љубов, енергичност и посветеност од страна на талентираните ученици под менторство на уметниците Викторија Митрева и Орхан Камилов од здружението „Одоната“ од Кочани (изработка на хартија од оризова слама), мајстор-занаетчиката Љубинка Механџиска (традиционален разбој), дизајнерката Ирина Тошева (мода), Анита Гајтановска од „Лотус ланч чеар“ (продукт дизајн), Натали Ристовска од „Јова“, во соработка со студентите од Машинскиот факултет – Скопје при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (истражување и продукт дизајн), асист. м-р Иво Митрушев и асист. м-р Бранкица Спасева од УКИМ (Нов живот за биоотпад од ориз), Зоран Тодоров од НВО „За здрав живот во Кочани“ (екотеорија), Андријана и Димитар Петровски (фотографија), Благоја Ангеловски (режија и видео).
Преку практични работилници, теоретска настава и креации, учениците од СОУ „Ванчо Прке“ од Виница покажаа како може да се развијат нови дизајни на производи од оризовиот отпад (арпа/слама), како главен предмет за истражување. Со уметност и иновација, тие покажаа на каков начин може да се искористи потенцијалот на земјоделскиот отпад како алтернативна суровина во производството и дизајнот.
Станува збор за иновации во рамките на овој проект, односно оризовата слама се претвори во вреден квалитетен производ – предиво од оризова слама и волна. Модни креации се изработени од текстилни остатоци (добиени од локалната фабрика) и од ткаенина рачно изработена на разбој од предиво од влакна од оризова слама и волна. Ткаенините, направени на рачен разбој, создадоа хармоничен спој на елеганција низ еколошка изработка. Оваа врвна иновација нуди силен потенцијал за да се намалат екстензивното согорување на оризовата слама и неговото негативно влијание врз животната средина и климата воопшто.

Различните активности во рамките на проектот за користење на оризовиот отпад се развиени со крајна цел за негова поширока релевантност.
ГЕФ ПМГ официјално започна со работа во Македонија во мај 2005 година. Во периодот 2005 – 2023 финансиски се помогнати 167 проекти.
Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ) обединува 184 земји во партнерство со меѓународни институции, невладини организации и приватен сектор за да се адресираат глобалните еколошки проблеми истовремено поддржувајќи национални одржливи развојни иницијативи. Денес ГЕФ е најголем финансиер на проекти што ја подобруваат животната средина.
Основана на самитот за планетата Земја во Рио во 1992, ГЕФ-програмата за мали грантови (ПМГ) поддржува здруженија на граѓани (ЗГ) во нивните активности кон намалување на климатските промени, конзервација на биолошката разновидност, заштитата на меѓународните води, намалување на влијанието на хемикалиите/неразградливите органски загадувачи, спречување на деградацијата на земјиштето и истовремено генерирајќи одржлива егзистенција. Таа овозможува финансиска и техничка поддршка за зачувување и заштитување на животната средина, зајакнувајќи ја благосостојбата на заедниците.