На својата конститутивна седница, комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“ за 2022 година, која ја доделува фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, констатира дека на годинашниот конкурс пристигнале 34 романи. Kомисијата, во состав Симона Јованоска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Илир Ајдини, Гоце Ристовски, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева (претставничка на фондацијата), заклучи дека и годинава конкуренцијата изобилува со квалитетни романи.
Жирито и годинава ќе направи неколку селекции на пристигнатите романи, а селектираните романи јавно ќе бидат објавени, и е должно да го соопшти името на добитникот до 15 март. Наградата „Роман на годината“, која е поддржана од Министерството за култура, годинава ќе биде доделена по 24-ти пат. Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Во списокот на пристигнатите дела за наградата се: „Водни тела“ на Ана Аврамовска, „Невообичаен Велигден“ на Емилија Златкова-Анастасова, „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски, „Луѓето, а не градот“ на Снежана Младеновска Анѓелков, „Умрев за да оживеам“ на Габриела Давидовска-Баниќ, „Градски деца“ на Матеј Богдановски, „Бегство од изгрејсонцето“ на Дејан Гаџовски, „Писмо за Глорија“ на Живко Грозданоски, „Девојчето со седа коса“ на Магдалена Елмазовска, „Татко ми, Босфор“ на Јован Илиески, „Вилинско коњче“ на Илина Јовановиќ-Јаковчевска, „Смртта нe е крај“ на Владо Јаневски, „Само Бог простува “ на Анде Јанков, „Анатрос“ на Хари Кацановски, „Заследи ме“ на Јордан Коцевски, „Потрага по загубениот гроб“ на Панче Коцев, „Наследство: Прозорецот“ на Јордан Коцевски, „Времето пред приказната“ на Митко Маџунков, „Тајната за розата Дафне“ на Благица Наумова, „Токсични луѓе“ на Велко Неделковски, „Една книга“ на Валентин Нешовски, „Столб што пее“ на Томислав Османли, „Солзите на Анастасија“ на Даница Пеовска, „Мастилна мапа“ на Марија Ралповска, „Пештера“ на Максим Ристески, „Хотел меѓу две војни“ на Александар Русјаков, „Синовите на Адам“ на Михајло Свидерски, „Број 77“ на Мирјанка Селчанец, „Продолжи да одиш“ на Елена Симоновска, „Ние“ на Ана Стојаноска, „Овириyм помеѓу светови“ на Агрон Усеини, „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на Влада Урошевиќ, „До Сахара за покрив над глава“ на Јован Џамбазоски и „Естом“ на Николина Андова Шопова.