Романот „Папокот на светлината“ на македонскиот писател Венко Андоновски се најде во тесниот избор за престижната светска книжевна Толстоева награда „Јаснаја Полјана“, заедно со реномирани светски автори. Во избор се и романите „Палата на соништата“ на Исмаил Кадаре (Албанија), „Внука“ на Бернхард Шлинк (Германија, познат по романот и филмот „Читачот“), „Зимски војник“ на Даниел Мејсон (САД, познат по „Пијано штимер“), „Пиштарки“ на Фернандо Арамбуру (Шпанија), „Кожурец“ на Џанг Јуеран (Кина), „Звукот на нештата што паѓаат“ на Хуан Габриел Васкез (Колумбија), „Ветување“ на Дејмонд Галгут (Јужна Африка). Ова на свечена церемонија го соопшти жирито во состав: Владимир Илич Толстој (правнук на Лав Н. Толстој) и писателите Алексеј Варламов, Евгениј Водоласкин, Владимир Отрашенко и Павел Басински. Од 30 номинации од 16 земји, жирито во категоријата „странска литература“ се реши за овие осум наслови.

Романот на Андоновски на руски го преведе еминентната преведувачка, македонистка и промоторка на македонската култура во Руската Федерација, Олга Панкина. Ова е втора номинација на Андоновски за оваа награда. Во 2017 година, неговиот роман „Папокот на светот“, исто така во превод на Олга Панкина, беше номиниран, но не се најде на листата од потесниот избор. Името на лауреатот ќе биде објавено во октомври, на свечената церемонија на доделувањето на наградите „Јаснаја Полјана“.

Наградата jа добиваат писателот и преведувачот.
– Оваа година имаме една од најизбалансираните кратки листи за странска литература. Нема доминација на некој јазик или регион. Располагаме со преводи од шпански, кинески, германски, македонски, англиски. Најпрво, би сакал да ве запознаам со еден исклучително талентиран автор од Источна Европа, кој веќе пред неколку години го привлече вниманието на жирито со едно друго дело („Папокот на светот“ во превод на Олга Панкина) и тогаш предизвика, добро се сеќавам, најжив и најголем интерес. Тоа е македонскиот писател Венко Андоновски. Нема сомнение дека денес тој е лидер и врвен претставник на балканската литература, длабоко ценета во Русија. Неговиот нов роман „Папокот на светлината“ во извонредниот превод на Олга Панкина е прекрасен спој на умот, темпераментот, мудроста, имагинацијата и уметничкиот вкус. Во некоја смисла блиску до неговото дело е романот на албанскиот писател Исмаил Кадаре, „Палата на соништата“. Иако книгата е напишана пред многу години, дури и денес, откако се појави за првпат на руски, таа навистина фасцинира, бидејќи тоа е длабока работа што може да постои надвор од времето и да зборува за сите времиња, вклучувајќи и за нашето – коментираше членот на жирито, писателот Владислав Отрошенко.

Според писателот Павел Басински, член на жирито за наградата, годинешниот потесен избор е интересен не само поради разновидните високоуметнички текстови во одлични преводи туку и поради географската широчина на опфатот. Застапени се сите континенти, освен Австралија: Европа, Азија, САД, Латинска Америка, Африка.
– Ова е навистина глобален поглед врз современата светска проза во нејзината најдобра форма – рече Басински.
Книжевната награда „Јаснаја Полјана“ (на Запад популарно нарекувана „Источен Букер“) е основана во 2003 година, а ја доделуваат музејот „Јаснаја Полјана“ и „Самсунг електроникс“. Наградата се доделува за најдобро прозно дело во четири номинации: современа руска проза, странска литература во превод на руски, пропуштени ремек-дела и личност. В.Д.