Забележителен успех на македонските филмови „Лена и Владимир“ и „Сите го викаат Реџо“

Фестивалот на Југоисточна Европа, SEE FF 2025, годинава го имаше своето 15-то издание во Париз, 10-то во Берлин, а по петти пат и во главниот град на САД , Вашингтон.

Овогодишната богата програма од играни, документарни, кратки и анимирани филмови, предизвика голем интерес кај американската и европската публика.

Европското и Американското жири на фестивалот ги донесоа одлуките за добитниците на награди на фестивалот.

Американското жири во состав Партисија Корбет, претседател, Џеклин Хедингтон, Роман Костовски, наградата за најдобар игран филм му ја додели филмот „Мастергејм“ од Унгарија, кој исто така ги понесе наградите за најдобра режија и најдобро сценарио (Барнабас Тот), какo и најдобар актер, Кароли Хајдук. За најдобра актерка беше прогласена Јелена Џокиќ од хрватскиот филм „На се има крај“, за најдобар документарен филм беше прогласен црногорскиот „Оваа добра земја“ од Владимир Перовиќ – Црна Гора, додека пак наградата за најдобар анимиран филм беше доделена на „ Кој“ (Мелве Јилдиран, Турција) и на „Соба“ (Нела Глухак, Хрватска), а за најдобар краток филм беше прогласен бугарскиот „13 август“ (Венцислав Сариев).

Европското жири на фестивалот, за Париз и Берлин, во состав Фроса Пејоска-Бушро, претседател, Фредерик Фапани фон Лотринген, Ив Русле, Мадалина Вартенжану-Жобер и Игор Станковиќ, наградата за најдобар филм истотака му ја додели на унгарскиот „Мастергејм“, кој истовремено доби и награда за најдобра режија. Наградата за најдобар актер ја доби Африм Мучај од македонскиот филм „Сите го викаат Реџо“ (Ибрахи Деари), а за најдобра актерка Шенгин Исмајили од косовскиот филм „Окарина“ и Сара Климоска од македонскиот филм „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов, кој исто така ја понесе и наградата за најдобар дебитантски филм. За најдобар анимиран филм беше прогласен бугарскиот „Градинарот напиреј“ (Асија Кованова), а најдобар краток филм, исто така „13 август“.

Наградата за најдобар документарен филм ја понесоа српскиот „Сонувачки“ (Владимир Петровиќ) и босанско-хрватската копродукција „Гранпа Гуру“ (Силвио Мирошниченко), а за најдобро сценарио, „На се има крај“ (Хрватска, Србија)

Специјалното жири на „Академија Балканика Еуропеана“, под претседателство на Жан-Патрик Конрад ги додели следите награди:

Најдобар филм – „На се има крај“ (Рајко Грлиќ – Хрватска);

Најдобра режија – Владимир Мича Поповиќ „Прва класа, полн гас!“ (Србија);

Најдобар документарен филм – „Последниот ју-филмски роматик“, сценарио и режија Радослав Т. Станишиќ, (Црна Гора);

Наградата за животно дело за документарен опус – Драган Елчиќ (Србија).

Традиционалната награда SEE ACTRESS 2025 ја доби Аница Добра од Србија, а SEE ACTОR 2025 – Руси Чанев од Бугарија, додека пак “Frédéric Rossif 2025“ му припадна на славниот француски документарист Антоан Виткин.

Оваа година за првпат беше доделна наградата „Гран при за академска институција“, која ја понесе Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија ИЗИИС, при УКИМ, Скопје, по повод 60 годишниот јубилеј, одбележан со импресивна меѓународна презентација.

Наградата SEE Personality 2025, ја доби Градоначалникот на Конче, Златко Ристов за афирмација на трезорите на културното наследство на оваа македонска општина во Југоисточна Европа.

Фестивалот традиционално се организира во соработка на универзитетите Еуропа Прима од Скопје, ИНАЛКО и Пантеон Асас од Париз, Хумболд од Берлин, Американ Јуниверсити од Вашингтон, како и издавачката куќа Пламен Прес, исто така од Вашингтон.