Проектот насловен „Тие не ги отвораат очите“, кој се состои од видеото „Следната генерација“, придружено од инсталација, на уметницата Тања Балаќ, ќе биде претставен пред јавноста на 2 декември (петок), во 20 часот, во објектот „Мала станица“, во организација на Националната галерија на Македонија.
– Видеото „Следната генерација“ пунктуира со корпоралноста на содржината, а нејзината материјална природа е токму во антрополошкото одредиште на она што значи елемент на социјалното ткиво, самата едукација како систем на вредности и систем на разлики. Согледувајќи ја (не)прагматичноста на самоодредливото, на индивидуализмот како неминовен елемент на посакуваните и очекуваните политики на еманципација, авторката смело го наметнува прашањето: Кој ги гради вредностите, а кој разликите? – вели ликовната критичарка и теоретичарка Натали Рајчиновска Павлеска.
Според неа, следните генерации, во суштина, не се нешто што доаѓа „потоа“ туку феномен на немоќта на утопиското, на определеноста на границите на слободата во кои перспективната мисла е предодредена од „големите наративи“, дефинирана како агенс на една политичка перспектива или плуралитет на „едното“ изнесено како визија за мноштвото.
– Така што, „следните генерации“ изложени како концептуална сугестија во овој проект, не се „идни“, тие се манифестација на минати стратегии, показност за неисполнетоста или неисполнивоста на „големиот“ создавач на сликите, сликите на светот, онака како што е замислен во неговата контролабилна структура – вели Рајчиновска Павлеска.
Тања Балаќ (Скопје, р. 1968) во 1991 г. дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на Одделот сликарство. Градејќи ги својот уметнички и професионален пат, во 2008 г. магистрира на истиот факултет. Членка е на Друштвото на ликовните уметници од 1991 година, а во периодот од 2006 до 2013 година е и негова претседателка. Од многубројните професионални посети надвор од границите на својата земја, значајно е да се издвои студиската посета во Париз во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство го збогатува и надградува со учество на многубројни меѓународни фестивали и изложби (Србија, Словенија, Шведска, Бугарија, Германија, Романија, Англија, Австрија, Франција…), на кои повеќепати има добиено меѓународни признанија и награди. Покрај сликарството, последната деценија активно истражува и на полето на новите медиуми. Активно се занимава со сликарство, како и со инсталации и експериментални и документарни филмови (видеоарт). Живее и работи во Скопје.