Рецензија
Кон фестивалот „Класика – меѓународен фестивал Струмица 2025“

Струмица заслужено доби уште една традиционална манифестација – фестивалот за класична музика „Класика – меѓународен фестивал Струмица 2025“ ги воодушеви граѓаните.
Годинава по четврти пат во Струмица се одржа меѓународниот фестивал за класична музика „Класика 2025“ и за многумина љубители на класичната музика тоа беа денови кога рајски можеше да се ужива во богатата програма што ја имаа подготвено организаторите. Со извонредни пет концерти, кои покажаа автентичен и уникатен принцип на читање на композициите што се вкоренети во историјата на класичната музика, огромен број струмичани и гости од надвор можеа да се запознаат со пијано-дуото Катерина и Глигор Гелебешеви, гудачкиот квартет „Арте“ од Бугарија, камерното дуо Павлина Сенич (сопран) и Кристијан Бадаровски од Чешка, женскиот хор „Св. Злата Мегленска“ и квартетот саксофони од Македонија.
Ваквата богата програма уште еднаш ја мапираше Струмица како град што негува култура и почит спрема различните уметнички дисциплини, па освен театарот, филмот, поезијата и ликовната уметност, сега има фестивал на кој музичките сладокусци можат да се облагородат со класична музика и фестивал што го промовира најдоброто од актуелната сцена. Така, на програмата можеа да се слушнат дела од Вагнер, Росини, Рахманинов, Пјацола, Мориконе, Бах и многу други, меѓу кои и исклучителни македонски автори, но и композитори што со нивниот авангарден пристап допрва истапуваат на светската сцена.
Иако селекторот на фестивалот, м-р Васил Атанасов, годинава поддржан од Министерството за култура и туризам и од Општина Струмица, скромно изјави дека со овој фестивал само дополнително се збогатува културната програма на градот, важно е да се потенцира дека на градот му недостигаше ваков фестивал, со кој се дополнува музичкиот аспект, па со тоа секој заинтересиран за овој вид музика може целосно да ужива во спектарот на изведувачи, кои од година на година ја збогатуваат листата и го потврдуваат квалитетот на фестивалот.
Струмица е изворник на култура во југоистокот на државата, а и пошироко, затоа е клучно да се реализираат настани од ваков тип, оваа фестивалска платформа е доказ за потребата и можностите за иднина. Независно од тоа што ќе имаме можност да проследиме во идните изданија на фестивалот на камерна музика, навиката и традицијата за „Класика – меѓународниот фестивал Струмица 2025“ е факт и убава реалност за која сите се радуваат и се надеваат дрка ќе порасне и прерасне во успешна приказна. Митко Гогов