Почнува „Македокс“

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ во своето 13-то издание почнува вечерва и ќе трае до 25 август во Скопје. Фестивалот се отвора вечерва, во „Куршумли-ан“, со документарниот филм „Сѐ што дише“ на режисерот Шаунак Сен, филм во индиско-британска копродукција, а пред него ќе биде прикажан белгискиот краток документарен филм „Иднината е водена палата“ на режисерката Хуанита Онзага. Фестивалската програма ќе се прикажува на четири локации, и тоа во „Куршумли-ан“, платото на Музејот на Македонија пред „Куршумли-ан“, МКЦ и „Јуроп хаус Скопје“. Со мотото „Лупење идеи“, фокусот на 13. „Македокс“ е развојот на идеи.
– По две бурни години за целиот свет време е повторно да си дадеме сила за реализирање на идеите. Но овој пат од нова перспектива, да ги излупиме старите лушпи и одново да создаваме на новите бели слоеви. Сметаме дека делот на процесот на развој на документарниот филм е многу значаен, особено за регионот каде што на овој процес од создавањето на филмот обрнуваме многу малку внимание. Затоа оваа година развојот на идеи го поставивме во фокусот на фестивалот. Среќни сме што по две години ќе имаме фестивал без рестрикции и со голем број странски гости – истакна Дарко Набаков, извршен директор на 13. издание на фестивалот „Македокс“.
Годинава на фестивалот ќе пристигнат околу 70 гости од странство. Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно. Исклучок ќе бидат активностите поврзани со „МакеКоПроДокс форумот“, кои делумно ќе се одржат онлајн. Филмската програма на 13. „Македокс“ содржи 71 документарно остварување, во пет натпреварувачки категории – главна програма, нови автори, кратки документарни филмови и студентска програма, додека сите филмови се дел од компетицијата за наградата „Етички идеи“. На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Надвор од компетиција, но значајни фестивалски програми се „Земја во фокус“ – годинава тоа е Чешка и програмата за деца и младинци.
Главната програма содржи девет филма, во селекцијата Нови автори има 11 филма, во програмата на кратки документарци влегоа 17 остварувања, а во студентската програма ќе бидат прикажани осум филма. Во програмата за деца и младинци ќе бидат прикажани 18 филма. Земја во фокус е Чешка Република и ќе бидат прикажани осум нови документарни филмови.

– Втората вечер е веќе традиционално резервирана за отворање на програмата Земја во фокус, оваа година посветена на Чешка, и радосни сме што имаме чест да ја отвориме со филмот „Рене – затвореник на слободата“ на нашата почесна гостинка Хелена Тшештикова, мајката на тајм-лапс документарецот, која ќе биде присутна на проекцијата, а следниот ден ќе одржи и мастерклас за тоа како ги развива своите идеи и како ги доведува до целосно филмско дело. Време е за лупење на старите закоравени размислувања и идеи, а верувам дека „Македокс“ со својата годинашна програма ќе помогне при тоа и ќе направи простор за нови… подобри, посветли! – вели Петрула Вељановска, дел од програмскиот сектор на „Македокс“.
Во индустрискиот сегмент на фестивалот предвиден е мастерклас со Хелена Тшештикова, почесна гостинка на „Македокс“ 2022, која ќе говори на темата „Разговор за идеите во документарниот филм“. „Чешката режисерка и документаристка Хелена Тшештикова е повек?е од режисерка и документаристка. Може да се каже дека таа е своевиден феномен, од оние што ги поместуваат границите за она што го знаеме за документарниот филм“, изјавил Михаил Железников. Разговорот со Хелена Тшештикова ќе го води Туе Стен Милер, консултант за документарци и критичар од Данска.
Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден од 19 до 25 август, во 18 часот, во „Куршумли-ан“. На 21 август ќе биде отворена фотоизложба на Доријан Миловановиќ. За време на фестивалот ќе се одржи вториот дел од едногодишната работилница „Докуникулци“, на која учествуваат 10 млади од целата држава, како и неколку концерти и диџеј-сетови.