По дводневната размена на искуства и знаења на првиот дводневен филмски форум под слоганот „Дејствувај на локално ниво“ беше заклучено дека филмскиот сектор има потреба од подобра соработка со локалната самоуправа. Придобивките од секторот можат да бидат големи, но за да создадат позитивни влијанија, потребни се поддршка и акции од страна на локалните власти, како и акции и унапредување на мерките од страна на централните власти.
– Првиот интернационален форум под слоганот „Дејствувај на локално ниво“ е замислен да биде еден вид инкубациски центар, кој освен знаење и сознанија за темите што ќе бидат опфатени, преку дијалог помеѓу повеќе засегнати страни од централно, општинско и секторско ниво се очекува да поттикнат идеи за градење една визија за развој на силен локален филмски, културен и креативен сектор, како и визија за создавање и градење на т.н „пријателска филмска и аудиовизуелна околина на локално ниво‚ која позитивно може да влијае како на заедницата така и на локалната економија и економскиот раст на долг период“ – вели претседателот на „Балкан синема ситис“, Кирил Ѓозев.
На форумот за првпат се отвори дискусија помеѓу повеќе чинители за можностите и придобивките што општините можат да ги имаат доколку се вклучат со свои активности во развој на филмскиот сектор во целина.
Градоначалниците на Битола и на Прилеп и претставниците од општините Велес и Охрид ги пренесоа своите видувања за можни идни локални активности со филмскиот сектор и нивното влијание врз локалната заедница и економија. Беа детектирани и одредени проблеми што поради непостоење сознанија, внатрешни процедури, инфраструктура и ресурси некогаш негативно влијаат врз соработката со овој сектор и можностите за поддршка на истиот тој.
Продуцентите Огнен Антов од Македонија и Николај Мутафчиев од Бугарија преку студија на случај говореа за применети екопристапи и акции во процесот на производство на своите филмови, опфаќајќи ги предизвиците и потребите, како од централните така и од локалните власти.