ИФФК „Браќа Манаки“ во соработка со дистрибутерската куќа МЦФ во рамките на проектните активности на Јадранската мрежа на фестивали организира две специјални проекции на „Поплава“ – најдобриот анимиран филм оваа година. Публиката ќе може да го види добитникот на „оскар“ вечерва, од 18 часот, во киното „Манаки“ – Битола и в сабота, од 18 часот, во Кинотеката на Македонија.
Филмот имаше две номинации за „оскар“ (за најдобар странски филм и за најдобра анимација), а ја доби статуетката за најдобар анимиран филм, по кој следуваа наградата на Европската филмска академија и „златен глобус“. Низата награди продолжи и во рамките на Јадранската мрежа на фестивали каде што „Поплава“ на режисерот Гинтс Зилбалодис ја освои наградата на публиката за најдобар филм. За него гласаа гледачите од сите фестивали членки на мрежата: „Сараево филм фестивал“ (Босна и Херцеговина), „Филмскиот фестивал“ во Херцег Нови (Црна Гора), „Љубљанскиот меѓународен филмски фестивал“ (Словенија), „Фестивалот на авторски филм“ (Белград, Србија), „Загреб филм фестивал“ (Хрватска) и „Браќа Манаки“ (Македонија), што беше одраз на неговата широка прифатеност и влијание во регионот, а признанието беше свечено доделено на 30. издание на „Фестивалот на авторски филм“ во Белград.
Јадранската мрежа на фестивали е иницијатива што обединува водечки филмски фестивали од регионот со цел промоција и достапност на квалитетни филмски содржини до поширока публика.