Вечерва од 19 часот, во Кинотека на Македонија, ќе биде отворено единаесеттото издание на Меѓународниот фестивал на етнографски филм- Етнофф.
Фестивалот ќе започне со проекција на италијанскиот филм „Силниот човек од Буренг“ на Марио Бучи, а ќе продолжи со „Обичен херој“ на Јован Цветковски, „Врзувачот на мушички“ на Богдан Ивановски, а првата фестивалска вечер ќе биде заокружена со „Чекори кон загубата“ на Ирене Калтенборн од Шведска.
Фестивалот продолжува утре со „Училиште за животот“ на словенечката режисерка Манца Филак, „Ама“ на Клаудија Чау од Шпанија, „Живеење помеѓу мртвите“ на Ада Рајковиќ од Србија, „Не плети лесо“ на Бојан Петковски, а ќе заврши со „Должник на мртвите“ на српскиот режисер Александар Ќириќ.
Единаесеттото издание пресликува долготрајна заложба во промоцијата на етнографските филмови, имплементација во културата како и промоција на етнолошките и антрополошките науки во Македонија. Она што го нудиме е богата програма на етнографски и документарни филмови, квалитетна дружба и разговори со дел од режисерите- изјави претседателката на фестивалот Кристина Паскоска.
Етнофф е креиран од страна на студенти и професор во 2015 година, а го организира Македонското студентско етнолошко друштво – МСЕД при Институт за етнологија и антропологија во Скопје со поддршка од Агенцијата за филм. Ф.Д.