Изложба на макети, диорами и минијатури и петти Куп-Скопје

Макетарскиот клуб „Мајор Михајло Ивановски–Микс“, кој се занимава со промоција на макетарството како хоби и издигнување на техничката култура, на 27 февруари организира осма Изложба на макети, диорами и минијатури и петти Куп-Скопје, кои се одржуваат со цел промоција и популаризација на макетарското хоби во Македонија. Како и секоја година, тие очекуваат поддршка од макетари од регионот. На купот еден макетар може да се натпреварува со неограничен број макети, макета смее да се изложи само еднаш, што значи дека доколку некоја од макетитe веќе се натпреварувала може да се изложи во изложбениот дел. Доколку една макета била дел само од изложбата, може да се натпреварува. На јуниори и кадети не им се наплатува котизација. При местењето на макетите, макетарот мора да внимава на макетите на другите натпреварувачи/изложувачи, соопштуваат организаторите.
– Зад нас се 10 години организирано макетарство во нашата држава, четири меѓународни макетарски натпревари и осум меѓународни изложби на макети, минијатури и диорами. Сето ова започна со крајна цел подигање на техничката култура кај младите и возрасните, промоција и афирмација на макетарството како хоби и преку тоа зачувување на воената историја од заборав, бидејќи преку истражување, изучување и подготовка за изработка на една макета, а со крајна изработка на истата таа, се чува воената историја од заборав. Идеи има премногу и, нормално, не можеме сѐ да исполниме и оствариме, а целите сѐ уште се стремеж што останува да видиме дали ќе се оствари. Крајната цел е афирмација и промоција на нашето хоби и развивање на истото тоа преку пренесување на пасијата и љубовта кон макетарството на идните генерации, нешто што е многу тешко да се направи во денешни услови кога младите не ги интересира ништо конструктивно и вредно – вели Драган Цветиќ, организатор на изложбата и на Купот.
Оваа година ќе биде речиси исто сѐ како и на претходните настани, со тоа што овој пат се очекуваат многу повеќе учесници од странство. Првпат се најавени и учесници од Русија, ќе има гости од сите околни земји, како и од сите југословенски републики.


– Во Македонија многу е тешко да се организира ваков настан бидејќи ова не е нешто што се смета за мејнстрим како фудбал или турбофолк. Ова е андерграунд-дисциплина во наши услови. Сето ова чини пари до кои е многу тешко да се дојде. За среќа, имаме донации од симпатизери и поддржувачи, па можеме да оствариме барем дел од замислите што ги имаме за секој настан, а притоа да не опадне квалитетот на самиот настан – вели Цветиќ.
Тој додава дека живееме во време во кое младите не се интересираат за вакво хоби и дисциплини.
– За среќа, низ годините гледаме дека секоја година се наоѓа понекој нов макетар што не сме го познавале, сепак бројката е премала, а возраста е поодмината. Многу ретко се случува децата да се заинтересираат и тој интерес да ги држи во пубертетот и потоа – вели Драган.
Макетарството е хоби што постојано еволуира. Преку развој на нови технологии излегуваат сѐ поточни и попрецизни, поквалитетни макети, кои се составуваат многу лесно.


– Паралелно со тоа се развиваат нови техники на завршна изработка на макетите, а тоа пред сѐ е во делот на фарбањето и остарувањето за да се долови што пореално и попрецизно одреден предмет во размер. Морам да кажам дека во последниве години, 3Д-печатачите се дојдени на такво ниво за да се прават исклучиво прецизни и квалитетни реплики на субјекти што се не толку познати и за кои големите производители не се ни оптоваруваат затоа што не носат голем профит. Така, преку ова, и ние кога сакаме поопскурна техника, типови и ознаки имаме пристап до макети на орудија што до пред пет години не сме ни можеле да сонуваме дека ќе ги имаме за релативно пристапна цена – информира Драган.
Нему му е голема чест што е организатор и двигател на макетарството кај нас, Сето ова го прави од љубов кон своето хоби и со цел да се пренесе на идните генерации.
– За да го оствариме сето ова и да го подигнеме хобиво на повисоко ниво, ни требаат пред сѐ стабилно финансирање и државна поддршка. Не се тоа некои големи средства. Доволно за да можеме екипно да одиме на 10-15 странски натпреварувања годишно и да можеме без пречки и проблеми да го одржуваме нашиот настан, кој е единствен од ваков тип кај нас, и преку тоа да го одржиме ова племенито хоби – подвлекува нашиот соговорник.