„Скопје филм студио“ учествува на 47. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Сао Паоло, еден од најголемите во Бразил, како македонски малцински копродуцент на два филма, „Чуварите на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ, кој е во српско-македонско-словенечко-црногорска копродукција, и „Молкот на сирените“, дебитантско остварување на Газменд Нела, направен како косовско-швајцарско-албанско-македонска копродукција.
Интернационалниот филмски фестивал во Сао Паоло годинава ќе прикаже 362 филма од 96 земји, како преглед на современата светска кинематографија, но и претставување на новите трендови, теми, наративи и естетика.
„Молкот на сирените“ го следи Авни, сообраќаен полицаец во мало гратче во Косово, семеен човек, ниту многу чесен, ниту многу храбар. Со неговиот партнер Гезим примаат ситно мито од возачите што ги запираат поради брзо возење. Една вечер, мислејќи дека прават добра работа, спроведуваат до полициската станица меѓународен судски обвинител што возел под дејство на алкохол, со торба полна со готовина во задниот дел од автомобилот. Тие двајцата набрзо се наоѓаат заплеткани во случај на корупција, што оди предалеку за нив. Нашата актерка Амернис Нокшиќи толкува една од главните улоги во филмот, свој авторски придонес има Влатко Чачоровски како сценограф, а како продуцент се потпишува Томи Салковски
. Во рамките на натпреварувачката програма „Нови режисери“, филмот ја доживеа својата светска премиера синоќа, а ќе следуваат уште две проекции, на 23 и 28 октомври.
„Чуварите на формулата“ е заснован на романот „Случајот Винча“ на Горан Милашиновиќ, а инспириран од вистински настан што се случил пред точно 65 години. Во Србија во 1958 година, во институција за нуклеарни истражувања, група научници се контаминираат за време на експеримент и набрзо се разболуваат од зрачењето. Тие се испратени на лекување во Париз, но нивната единствена шанса за преживување е трансплантација на коскена срцевина, во тоа време сѐ уште експериментален третман и прв во светот од ваков вид. Филмот се прикажува во фестивалската програма „Интернационална перспектива“, со проекции закажани за 25, 29 и 30 октомври. „Чуварите на формулата“, кој имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Локарно, пред публика од околу 8.000 гледачи и веќе ги освојува критиката и љубителите на филмот, во Скопје беше за првпат прикажан пред македонската публика во рамките на фестивалот „Киненова“.
Двата филма се поддржани од Агенцијата за филм на Македонија. В.Д.