Кинотеката на Македонија ја најави августовската програма на филмови, во чиј фокус е шведската кинематографија.
– Повторно северот доаѓа на југ. Овој пат во август. Повторно шведски филмови во Кинотеката на летната сцена. Овој пат, селекција од рецентната шведска документарна продукција. Што создадоа креативците од скандинавската документарна школа? Почнувајќи со историјата на квир и транс-културата во Шведска, преку приказ за животот на домородното население, до општествено ангажирани теми. Ова е само дел од тоа што ќе може да се види, да се коментира – најавуваат од Кинотеката.
Кинофилите ќе имаат можност да проследат и документарен филм за културата на канабисот, последниот филм на Миа Хансен-Лав со француската фам фатал Лејла Сејду во главната улога, како и нестрпливо очекуваната премиера на новиот филм на Кристофер Нолан, биографскиот еп „Опенхајмер“. Тоа е филм на моментот, секаде коментиран и анализиран, моќно дело што ни го става прстот на чело за да промислиме што е во суштината на нуклеарната енергија. Крајот на месецот е резервиран за фестивалот на нем и класичен филм.
На 1 август на програмата е „Црвената желка“, анимиран филм, Франција / Белгија / Јапонија (2016) во режија на Михаел Дудок де Вит. Филмот имаше премиера на Канскиот фестивал, каде што режисерот освои специјална награда на жирито во програмата „извесен поглед“ и беше номиниран за „оскар“.
Истиот ден ќе биде прикажан и „Засекогаш млади“, Франција / Италија (2022) во режија на Валерија Бруни Тедески. Во филмографијата на Валерија Бруни Тедески (1964), италијанско-француска актерка, сценаристка и режисерка, досега се запишани деведесетина наслови и триесетина номинации и награди на светските филмски фестивали, меѓу кои и националната награда на француската кинематографија „цезар“. Со овој филм Тедески беше дел од натпреварувачката програма на Канскиот фестивал, забележа десетина номинации за награди, а Надја Терескиевич ја доби наградата за најталентирана актерка на годишното доделување на француските филмски награди „лимиер“.
Во август ќе бидат прикажани: „Едно убаво утро“ на Миа Хансен-Лав – добитник на награда од престижниот филмски фестивал во Кан, „Канабисот ослободува“ на Миха Челар, „Предрасуди и гордост“ на Ева Белинг – документарец за богатата историја застапеноста на квир и транс-заедницата во шведската кинематографија, „Историја – конци за сами“ на Томас Џексон, „Децата на непријателот“ на Горки Гласер – Милер, „Хор“ на Аманда Пешикан – филм за госпел-хор во една од најсекуларните земји во светот – Шведска, „Сабаја“ – филм на набљудување, режиран, снимен и монтиран од познатиот шведски/курдски режисер Хогир Хирори, „Синиот кафтан“ на Марјам Тузани, едно од најеминентните имиња на современиот марокански филм, како и „Пацификација“ на истата режисерка, македонскиот „Гласот на тишината“ на Илија Павлов, „Ноќта на 12 октомври“ – крими-трилер на искусниот француско-германски режисер Доминик Мол, за кој ја има добиено наградата „цезар“ за најдобра режија за 2023 година и „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан – епска приказна за Роберт Опенхајмер и неговата улога во развивањето на атомската бомба.
В.Д.