Денеска се избира прв човек на Друштвото на писателите на Македонија
Членството на Друштвото на писателите на Македонија денеска на вонредно изборно собрание ќе избира претседател на писателската асоцијација и претседател на Собранието. Блаже Миневски и Мирче Нешовски се кандидатите што се во трка за претседател на ДПМ. Кандидатури за претседател на Собранието на ДПМ, пак, поднесоа Иван Антоновски и Стефан Марковски Друштвото на писателите на Македонија е формирано на 13 февруари 1947 година. За прв претседател на ДПМ е избран Блаже Конески. Во овие 76 години голем број македонски писатели биле дел од неговите редови и како членови дале свој придонес во развојот на современата македонска литература, македонскиот јазик и култура.
Важноста на асоцијацијата за литературата и за јазикот
Еден од неговите најистакнати членови, како и негов претседател во еден период од постоењето на асоцијацијата, Гане Тодоровски, некаде во 2000 година зборуваше за статусот на македонскиот писател, осврнувајќи се посебно на нивното значење и важноста на друштвото, како и за неопходноста од вниманието на државата.
– Во помалите (бројно) и помлади, како феномен, национални култури, грижата на државата за развитокот на уметностите особено е важна и неопходна. Оваа специфика се наложува поради цел ред околности. Во помалите средини, во подоцна формираните национални култури, во посиромашните општествени средини, особено во кругот на европскиот дел од цивилизацијата, литературната уметност, како носечка национална дисциплина, непосредно е врзана за јазикот, па оттука и посебно е ставена во зависна улога од домашниот корисник (консумент) како битен фактор на нејзината елементарна егзистенција. Музиката, сликарството, архитектурата се илустрација на оној дел на уметноста што не зависи од превод. Литературната уметност и директно и апсолутно е ставена од ред познати причини во строга зависност од јазикот на националната средина – пишува своевремено Тодоровски.
Друштвото на писателите на Македонија има свое периодично гласило, „Стожер“, ја организира традиционалната манифестација „Празник на липите“, доделува традиционални награди за најдобрите писатели во изминатата година во неколку жанрови: поезија, проза, критика и детска литература, а ги доделува и наградите „Книжевно жезло“.
Друштвото го формираат едвај десетмина писатели
Како што пишува Гане Тодоровски во предговорот на изданието „Македонски писатели“, ДПМ е еден од надворешните фактори што ѝ помагаат на литературата во нејзиниот развиток со тоа што вложува систем од грижи и настојби за афирмација на литературната уметност како општествено добро, а во неговите редови се собрани повеќемина „одгледувачи на убавиот збор, унапредувачи на македонскиот книжевен јазик – поети, раскажувачи, романсиери, драмски автори, критичари и есеисти, литературни публицисти, патописци, хроничари, литературни историчари, писатели за деца, крепители на одбраната реч, уметници на зборот, членови на Друштвото на писателите на Македонија, негови ревнители, двигатели и спомагатели…“.
Тие за првпат во својата историја на 13 февруари 1947 година (тогаш се едвај десетмина) го одржуваат првото годишно собрание и го донесуваат првиот статут на писателите кај нас, но и на оваа професија во македонската средина, воопшто. Неоспорна е потребата од постоење на една организација како што е ДПМ, која треба да се грижи за заштитата и статусот на писателот и да ги издигне неговото место и улога во нашето општество.
Кои се кандидатите за претседател?
Писателот Блаже Миневски е вработен во НУБ „Свети Климент Охридски“ – Скопје и е член на ДПМ повеќе од три децении. Тој е современ македонски раскажувач, романсиер, драматург, доајен на македонското истражувачко новинарство. Родум е од Гевгелија, а детството го поминал во Кавадарци. Дипломирал на интердисциплинарните судии по новинарство на Правниот факултет во Скопје. Речиси четири децении живее и работи во Скопје. Член е на ДПМ од 1992 година. Автор е на девет романи, седум драми и три книги раскази. Минатата година „Матица македонска“ од Скопје објави избрани дела во пет тома од неговиот бoгат раскажувачки и романсиерски опус. Во првиот том насловен „Да речиме уште една“ се публикувани расказите, а во другите четири тома романите „Нишан“, „Свирци“, „Мемоарите на една млечка“, „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“ „Мрежата на Мамли“ и „Фантомско стапало“. Негови дела се преведени на дваесетина јазици: англиски, француски, руски, шпански, ерменски, бугарски, словенечки, арапски, кинески, српски, полски, италијански. Со свои раскази е застапен речиси во сите антологии на кратката проза објавени во последните триесетина година во Македонија и надвор од неа. Миневски е добитник на високи новинарски признанија, има многу награди и за раскази и за пиеси. Тој е добитник и на најважните книжевни награди во Македонија: „Стале Попов“, „Роман на годината“ и „Рациново признание“, кое оваа година го доби по вторпат за романот „Ако се родат некакви чувства“.
Според него, мисијата на писателската асоцијација треба да биде здружување на македонските писатели заради промовирање на книжевните достигнувања, заштита на авторските и на социјалните права на писателите, како и поддршка, стимулирање и промоција на нашата книжевност во светот.
Писателот и поет Мирче Нешовски до пензионирањето работел исто така во НУБ „Свети Климент Охридски“ – Скопје, а од 1994 година е член на ДПМ и во еден мандат бил и член на Претседателството на ДПМ. Мирче Нешовски е роден во 1951 година во Скопје. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Член е на Друштво на писателите на Македонија од 1994 година.
Автор е на повеќе книги: „Прозорец на сводот“ (поезија, 1975); „Бескрајни знаци“ (поезија, 1990); „Комитска заклетва“ (поезија 1991); „Духовна галаксија“ (поезија, 1996); „Ентелехија“ (поезија, 1999); „Светилката на монахот“ (поезија, 1999); „Врховниот шеф на ѓаволот“ (роман); „Небесната Пијета“ (роман).
Негова цел, според кандидатурата, ќе биде отворена вклученост на сите членови во работата на ДПМ; промовирање на македонските автори и зачувување на духовните вредности; развивање на македонските културни врски и односи во регионот и пошироко; мобилизирање на потребите на македонските писатели во македонската и во меѓународната јавност, како и усвојување декларација за македонскиот јазик, која ќе биде испратена до релевантни меѓународни организации и др.
Сите досегашни претседатели на ДПМ
Блаже Конески
Ацо Шопов
Славко Јаневски
Димитар Митрев
Коце Солунски
Коле Чашуле
Бранко Пендовски
Милан Ѓурчинов
Матеја Матевски
Благоја Иванов
Анте Поповски
Гане Тодоровски
Симон Дракул
Димитар Солев
Петре М. Андреевски
Србо Ивановски
Томе Арсовски
Георги Старделов
Тодор Чаловски
Јован Павловски
Светлана Христова-Јоциќ
Милован Стефановски
Веле Смилевски
Трајан Петровски
Раде Силјан
Соња Стојменска-Елзесер
Христо Петрески