Во Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб, на 19 октомври (понеделник), ќе биде отворена самостојната изложба насловена „Раселени“, на македонската уметница Тања Балаќ. Изложбата ќе ја отвори реномираната хрватска ликовна критичарка Бранка Хлевњак, која истовремено ќе даде и осврт кон неодамна издадената монографија по повод 30 години творештво на Тања Балаќ.
Новиот проект со наслов „Раселени“ е своевидно дополнување, суплемент на трагата на остатокот од претходниот циклус дела на уметницата, кој суптилно се прелева во нејзините нови слики. И во овој проект, Балаќ ја обработува актуелната светска тема на бегалската и мигрантска криза, реферирајќи на ксенофобичната реторика присутна во мејнстрим-медиумите. Преку конкретна уметничка пракса, авторката се обидува да го разоткрие дискурсот на актуелните миграциски случувања и бегалски кризи, согледани низ еден поширок контекст. Целта е да се добие посеопфатна слика на овој глобален проблем, што, секако, отвора низа други прашања, но и повикува на можни решенија. Изложбата е составена од петнаесет дела работени во последните две години, како и проекција на наградуваниот експериментален филм со наслов „Заглавени заедно“. Всушност и во двата медиума авторката обработува портрети на неми учесници сместени, или подобро кажано, заглавени во одреден простор, реферирајќи на животот и на судбината на бегалците, а преку нивните експресии ја рефлектира сликата на денешното општество. Во нивните изгубени погледи се вкрстуваат различните пристапи и прашања, минатото и сегашноста, миграциите и егзилот, но и поставувањето нови стандарди во комуникацијата со современи европски димензии.
Тања Балаќ (Скопје, р. 1968) во 1991 г. дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на Одделот сликарство. Градејќи го својот уметнички и професионален пат, во 2008 г. магистрира на истиот факултет. Членка е на Друштвото на ликовните уметници од 1991 година, а во периодот од 2006 до 2013 година е и негова претседателка. Од многубројните професионални посети надвор од границите на својата земја, значајно е да се издвои студиската посета во Париз во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство го збогатува и надградува со учество на многубројни меѓународни фестивали и изложби (Србија, Словенија, Шведска, Бугарија, Германија, Романија, Англија, Австрија, Франција…), на кои повеќепати има добиено меѓународни признанија и награди. Покрај сликарството, последната деценија активно истражува и на полето на новите медиуми. Активно се занимава со сликарство, како и со инсталации и експериментални и документарни филмови (видеоарт). Живее и работи во Скопје.