Во рамките на новиот проект „Артс хаб“, на културно-социјалниот простор „Центар Јадро“, се реализираше шестдневна интензивна работилница за применет и партиципативен театар.
Во работилницата учествуваа креативци од различни профили: терапевти, професионални актери, психолози, социјални работници, танчари и учители по танц, готвач, студенти итн. За време на работилницата на кратки, експериментални форми на социјално ангажирани перформативни уметнички акции избраните 12 учесници беа под водство на искусните ментори: Јелена Вуксановиќ (писателка, сценаристка и театарска едукаторка од Белград, Србија), Алесандро Ола (композитор и артист за звук, професор по композиција, електронска музика и звучен пејзаж, изведувачки уметник од Барселона, Шпанија) и Демир Мекиќ (социолог, форум-театар џокер и тренер од Белград, Србија).
Целта со организирањето една ваква работилницата беше да се поттикне еден креативен процес кај учесниците, кој вклучува потрага по наратив значаен за овдешниот социополитички контекст и со користење на техниките на театарот на угнетените, учесниците да добијат шанса да го испробуваат алтернативниот непосреден простор како театарски простор, да креираат мултимедијален сценски текст, по што ќе бидат подготвени да создаваат своја ангажирана форма на театар.
Работилницата за применет и партиципативен театар е дел од проектот „Артс хаб“ на центарот „Јадро“, кој се реализира со финансиска поддршка на фондацијата „Отворено општество-Македонија“.